Во Преспа ќе се стават потписите на конечниот договор за името

од Vladimir Zorba

   Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот Метју Нимиц, денеска во Преспа под зајакнати безбедни мерки и во присуство на високи претставници на меѓународната заедница треба да ги стават своите потписи на договорот меѓу двете земји за конечно решавање на спорот за името, со кој е предвидено ерга омнес име за земјава, Република Северна Македонија.

На потпишувањето во Псарадес на грчка страна од Преспанското Езеро, ќе присустуваат премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои на 12 јуни во телефонски разговор го потврдија договореното во преговорите, што беа обновени кон крајот на минатата година. Предвидено е Заев и Ципрас да имаат обраќања на свечената церемонија на потпишување, по што заминуваат за Отешево каде што ќе биде одржана официјалната средба на двете делегации, ќе има билатерален разговор и свечен ручек. Во македонската владина делегација се и вицепремиерите – министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На церемонијата во Псарадес и во Отешево ќе присуствуваат потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.

Договорот со Грција е насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“.

Натамошни чекори

На почетокот на следната недела, како што информираат од Владата, на владина седница треба да се усвои законот за ратификација на договорот, по што треба да биде испратен во Собранието, каде треба да биде ратификуван. По ратификацијата следува негово потпишување од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој најави дека нема да го поддржи.

Откако ќе биде доставен до Собранието пратениците треба да гласаат и да го усвојат со обично мнозинство, односно со мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник, што значи дека 31 треба да гласаат „за“, за договорот биде ратификуван.

Потоа следува негово испраќање до претседателот Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише. Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.

Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.

За договореното, конечниот збор ќе го имаат македонските граѓани на референдумот, кој треба да се одржи во септември или октомври. 

Протести и во Македонија и во Грција

Паралалено со потпишувањето најавени се протести во двете земји. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска одржува протестен марш во Битола против промена на уставното име, а протести се најавени на грчка територија во Преспа, како и во Атина, каде се протестира уште од четвртокот, кога почна расправата во грчкиот Парламент за недоверба на Владата на Ципрас, но и за договорот за името. 

„Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“ под слоганот „Македонија значи Грција“ најавија за денеска протест во Преспа за време на потпишувањето на договорот. Преку туристички агенции, организиран е автобуски превоз од многу градови во Северна Грција, а цените се од пет до 15 евра во зависност од локацијата.

Договорот го заштитува македонскиот јазик и македонскиот идентитет

Со договорот во однос на јазикот предвидено е – македонски јазик и во ОН останува да пишува – македонски јазик – без каква било фуснота со дообјаснување.

Во врска со државјанството односно националноста, во договорот е утврдено – македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.

Основата на договорот е тоа што во него на пријателски начин и прецизно е утврдено како Грција го толкува поимот „Македонија“ и „Македонски“ и тоа, како ние за нас го толкуваме поимот Македонија и Македонски, се вели во документот.

Со членот 7 од договорот се прави јасна дистинкција дека поимот Македонија и македонски во Грција го означува Хеленскиот дел од историјата.

Во договорот е утврдено дека Македонија и македонски во наш контекст ги отсликува нашата територија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство – различни од оние во Грција.

Химната, грбот и знамето не се менуваат, како и кодовите МК-МКД додека регистерските таблички не се дел од меѓународна кодификација и ќе го следат духот на Договорот.

Државните институции ќе го следат принципот на договорот – новото утврдено има на државата. Сите други организации/компании/здруженија може слободно да се именуваат како – македонски и да ја користат придавката македонски. 

Владите ги охрабруваат граѓаните, опозициите со став дека договорот е штетен

Премиерот на Македонија Зоран Заев завчера со порака дека со потпишувањето на договорот со Грција ќе се испрати сигнал за европско однесување и манири во период кога „Балканот раководи со ЕУ“.

– Важно е што сето тоа се случува во период кога Балканот раководи со Европската унија, односно Бугарија претседава со ЕУ. Посебно сум среќен што на Западна Европа и  испративме сигнали на европско однесување и европски манири, и дека како Балкан имаме целосно право да бидеме дел од Европа, изјави Заев во Струмица.

А неговиот грчки колега Ципрас порача дека договорот со северниот сосед што е од историско значење за Грција, носи придобивки и на економско ниво.

Постигнатиот договор со Македонија Ципрас на конференцијата на Економист што се одржа во близина на Атина овој пат го коментираше од економски аспект и објасни дека нерешавањето на проблемот било пречка за двете земји да создадат силни економски врски.

Во посетата на Скопје, вчера беше и шефицата на бугарската дипломартија Екатерина Захариева, чија земја е актуелен претедавач на ЕУ. Таа изрази увереност дека по потпишувањето на договорот Македонија конечно ќе може да отпочне преговори за членство во ЕУ, а потоа да добие и покана за влез во НАТО.

– Бугарија сака Македонија на крајот на месецот конечно да почне преговори за членство во ЕУ. Навистина повеќе нема време и ја сум уверена дека по потпишувањето на договорот, Македонија ќе добие зелено светло, вели Захариева, која беше во придружба на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

За Димитров денешниот ден е историски за Македонија, со кој се отвора иднината. Нагласи дека се прави еден голем чекор во насока на затворање на прашање, што е отворено толку колку што е стара независноста на Република Македонија, практично од 1991 година.

Опозициите во двете земји се против договореното, македонската смета дека договорот е капитулација, додека грчката не прифаќа терминот „Македонија“, македонски јазик и македонска националност да се содржат во решението.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, станува збор за решение кое е комплетно спротивно на државните и националните интереси на Република Македонија, кое само по себе е капитулација. Повеќепати го повтори ставот дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени за промена на уставното име.

Кај нашиот јужен сосед во петокот почна седницата на Парламентот, откако претходно премиерот Ципрас во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ рече дека во договорот постои решение за државјанството, а не за идентитетот, бидејќи не можеме да им го забраниме правото на соседите да се самоопределуваат како Македонци.

Грчкиот премиер коментираше дека опозициите во двете земји имаат идентични позиции, дури и изјавите им биле исти.

Постоењето македонски јазик и македонска националност во договорот меѓу Македонија и Грција се главните забелешки од грчките опозициски партии.

Лидерот на опозициската Нова демократија Кирјакос Мицотакис кусо пред да го достави барањето за гласање недоверба на Владата истакна дека Грција, прв пат признава македонска националност и јазик, елементи, кои според него, претставуваат корен на иредентизмот.

Со 127 гласа за и 153 против, грчкиот парламент, по тридневна расправа, синоќа ја отфрли иницијативата на Нова демократија за недоверба на владата на премиерот Ципрас. Одбивањето на интерпелацијата на Владата, Мицотакис го оцени како поддршка на договорот со Скопје. 

Потпишувањето во Преспа крај на 27 годишниот спор

Преговорите меѓу Македонија и Грција се обновија кон крајот на минатата година по речиси три годишен застој, најпрво со средби со посредникот на ОН Метју Нимиц со преговарачите Василакис Адемнатиос и Васко Наумовски, а потоа преговорите се подигнаа на повисоко ниво, на ниво на шефови на дипломатии.

Премиерите ја имаа првата директна средба на Светскиот економскиот форум во Давос, каде беа направени првите отстапки, Македонија ги преименува аедромот и автопатот, а Грција ја одблокира втората фаза на земјава во процесот на Стабилизација и асоцијација со ЕУ и овозможи на Македонија да стане членка на Јадранско-јонската иницијатива.

Клучна за преговорите беше средбата на Заев и Ципрас на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа минатиот месец во Софија. Самата средба на двајцата премиери, како да беше централен настан на Самитот, кој во таков формат последен пат се одржа во Солун 2003 година, а сите високи претставници на меѓународната заедница од Самитот излегоа со поддршка двете земји да го решат спорот. Германската канцеларка Ангела Меркел, својата официјална прес-конференција ја почна со поздрав до напорите на Македонија и Грција за решавање на спорот.

Во телефонскиот разговор на 12 овој месец двајцата премиери го потврдија договореното, а потоа ја информираа јавноста во своите земји.

Спорот за името почна веднаш по осамостојувањето на Македонија во 1992 и нејзиниот прием во ОН, на 8 април 1993 година. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќаше нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија. На Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година иако поканата за Македонија беше повеќе од извесна, Грција го искористи своето право на вето поради нерешениот спор.

Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот, кои по речиси 27 години се комплетираат денеска со потпишување на договор.

Со решавање речиси тридеценискиот спор конечно се отвора патот на Македонија да стане членка на Европската унија и НАТО.

Ана Цветковска   MIA

Слични содржини