Во Прилеп ситуацијата со Ковид-19 е сериозна, но не е алармантна

од Vladimir Zorba

Во Прилеп ситуацијата со Ковид-19 е сериозна, но не е алармантна, констатираше вчера кризниот штаб кој има нови одлуки за ригорозни мерки.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, се воведуваат мерки во работните средини, контроли во институциите, засилени активности на полицијата за носење заштитни маски и ригорозно со мерки во Градскиот пазар.

-Заедно со полицијата, пазараната инспекција, мора да се засилат контролите. Никој нема право со својата неажурност, да ги изложува на ризик критичните групи граѓани. Што се однесува до стопанските субјекти, денеска ќе ја посетам компанијата „Гентерм“. Ќе разговарам со менаџментот и ќе ги посетам нивните производствени капацитети. Истовремено, комисијата од локалната самоуправа ќе врши засилена контрола врз институциите за начинот на спроведување на мерките за заштита од Ковид-19, изјави Јованоски.

Инфективното одделение при градската болница „Борка Талески“ е на работ на капацитетот. Од можноста да прими 30, сега има 23 пациенти од кои 10 се на кислородна поддршка. Според Мирјана Крстеска, инфектолог и раководител на одделението неопходна е монтажната болница, зашто градот е меѓу првите во кои треба да профункционира.

-Од 23 хоспитализирани пациенти, од кои 10 на кислородна поддршка. Сите се повозрасни, над 50 или 60 годишна возраст. Денска примивме момче на 24 годсини во многу тешка состојба и го пративме на Инфективната клиника во Скопје. Старосната граница на заболените се повлекува, има помлади. Имаме терапија, но проблемот е со централниот довод на кислород. Доколку тоа се реши, би било големо олеснување. Но, тешките пациенти е проблем да ги примат на клиниките во Скопје, зашто и таму капацитетите се преполни и остануваат да бидат третирани на Инфективното одделение во Прилеп. Поради пребукираноста, реално, на клиниките се примаат помладите пациенти, вели таа.

Реално, може да примиме 30 пациенти, додава, а во моментов се 23.

-Доколку се исполни капацитетот, во другите одделенија се отворија оддели за изолација за таму да останат позитивните пациенти, а се лекуваат за друго. Кога ќе почне да се градат монтажните болници, Прилеп е еден од првите градови, зашто треба да се земат предвид и општините Македонски Брод и Крушево. А имаме многу пациенти од Македонски Брод. Инаку, во моментов е хоспитализиран еден здравствен работник, а еден е на домашно лекување од службата за Итна помош, вели Крстеска.

Слични содржини