Во пронајдениот експлозивен механизам во Атина имало и шајки

од Elena Daskalova

Во рачно изработениот експлозивен механизам што вчера беше пронајден во универзитетскиот кампус во Атина, поставен зад полициска станица имало и шајки, што укажува на тоа дека целта на сторителите била резултатот и последниците од експлозијата да бидат што е можно поголеми, јави дописничката на МИА од Атина.

Секторот за борба со тероризам на грчката полиција, според грчките медиуми, е во исчекување на преземање на одговорноста, а како што пишува „Катимерини“, зад поставувањето на бобата, од полицијата, сметаат дека стојат млади анархисти кои експериментираат со правење експлозивни механизми.

Како што вчера објави МИА, рачно изработената бомба ја забележал полицаец додека го паркирал неговиот мотор и веднаш ја известил надлежната служба.

По проверката, било потврдено дека станува збор за експлозивен механизам и била извршена контролирана експлозија за да се неутрализира механизмот.

Експлозивниот механизам бил поставен во голем стаклен сад, во вид на вазна, што бил полн со шајки, но и експлозивен материјал, кабли и часовник.

Според медиумите во Грција, едно од сценаријата е дека немало предупредувачки повик и бомбата не била активирана бидејќи полицаецот ја забележал ќесата многу порано пред планираната експлозија.

Слични содржини