Актуелно
Почетна / Бизнис / Во септември и октомври се очекуваат првите чартери на релација Софија – Охрид

Во септември и октомври се очекуваат првите чартери на релација Софија – Охрид

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот од 13 до 15 февруари ќе ја презентира туристичката понуда на Северна Македонија заедно со дванаесет ко-егзибитори на најголемиот настан во туристичката индустрија во Бугарија, што се организира по 37-ми пат – „Holiday & Spa Expo“.

Можностите за промоција на туризмот АППТ ги промовира заедно со општините Дојран, Струга, Крушево, Струмица, и делегација од повеќе од триесетина туроператори и хотелите Аурора, Изгрев, Силекс, Гогов, Сириус, Парк, Маива, Мизо и туристичката агенцијa Глобус Травел, соопшти Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

– Бугарскиот туристички пазар е еден од најзначајните за туристичкото стопанство на Северна Македонија. Профилот на туристи од Бугарија кои патуваат во нашата земја вклучува посетители чија старосна граница е околу 35-45 години, патуваат организирано (фамилијарни посети), а го посетуваат Охрид, Скопје, Струмица, Делчево, Крива Паланка. Најчесто патуваат за одмор и еднодневни екскурзии во источниот регион на нашата земја, гастрономско уживање, посета на манифестации и верски туризам,  изјави директорот на АППТ, Љупчо Јаневски.

Најави дека оваа година во септември и октомври се очекуваат првите чартери на релација Софија – Охрид, по подолг период преговори за поврзување на Северна Македонија и Бугарија.

Истакна и дека придобивки од учеството на земјава на “HOLIDAY & SPA EXPO 2020” е вмрежување и деловни контакти со големи туристички компании низ целиот свет, нови можности за инвестирање и проширување на работа во туристичкиот сектор, учество на конференции, панел дискусии и настани поврзани со иднината и перспективите на туристичкиот сектор, место каде може да се обезбедат договори за испорака на производи и услуги.

– Саемската манифестација нуди одлична можност да бидеме во тек со најновите трендови и можности за бизнис во туристичкиот сектор, како и набљудување на конкурентното опкружување во регионот и пошироко, рече Јаневски.

Меѓународната туристичка берза „HOLIDAY & SPA EXPO“ е во календарот на најзначајните настани во туристичкиот бизнис веќе 37 години како најрепрезентативен туристички настан во Бугарија, а на кој се промовираат повеќе од 60 дестинации и туристички региони со учество на 20.000 професионалци и посетители.

Промоцијата на македонските туристички дестинации на бугарскиот пазар секако ќе го зголеми бројот на туристи од Бугарија, кој изнесува седум отсто раст кај туристите и пет отсто зголемување на ноќевањата во 2019. Целта за 2020 година е раст на странските туристи од 5-7 отсто ,остварени ноќевања со раст од десет проценти односно 1,3 милиони туристи, што поблиску до четири милиони ноќевања и 420 милиони девизен прилив од туризмот, додава Агенцијата во соопштението.

Согласно последните статистички податоци во периодот јануари – декември 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, купниот број на туристите е зголемен за 5,1 отсто, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 1,9 отсто, а кај странските има зголемување за 7,1 отсто.

Во периодот јануари – декември 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на ноќевањата е зголемен за 2,7 проценти и тоа: бројот на ноќевањата на домашните туристи остана на исто ниво, а кај странските има зголемување за 5,8 проценти.

loading...