Во Шведска мерките и тестовите се укинати, бројките исчезнуваат од медиумите, границите се отворени

од Milan1

Точно на полноќ, приближно две години по почетокот на пандемијата, Шведска ги укина сите епидемиолошки мерки, ги прекина масовните и бесплатни тестирања за коронавирус и целосно ги отвори границите за сите граѓани на Европската унија. Дури и бројките на заразени и починати исчезнаа од видни места во шведските медиуми.

И покрај пандемијата која не се намалува при што забележани се десетици илјади позитивни тестови во последните денови, од сите мерки ќе останат само советите до невакцинираните лица да избегнуваат гужви во затворени простории од утрово, како и препораката сите да останат дома доколку имаат симптоми на коронавирус.

Шведската министерка за здравство Лена Халенгрен рече дека пандемијата сè уште не е завршена, но дека се завршени ограничувањата.

„Сè уште има посебни совети за невакцинираните. Важно е сите граѓани да останат дома доколку имаат симптоми. Не мора да се тестираат освен ако не работат во здравството и социјалната заштита. За нив има посебни правила на однесување рече министерката и уште еднаш апелираше невакцинираните да се вакцинираат.

„Доколку сте примиле две дози од вакцината, треба да ја земете третата. За да се продолжи заштитата од ширење на инфекцијата, но и од сериозни болести, потребни се три дози“, додаде таа.

Кои мерки се укинати?

Од среда веќе не важат следните епидемиолошки мерки: задолжителна контрола на потврдите за Ковид за сите јавни собири во затворени простории со повеќе од 50 лица, ограничување на јавните собири во затворени простории за 500 лица (во спортот 500 лица по трибини) и најмалку 10 метри квадратни простор по учесник.

Затворањето на рестораните и баровите во 23:00 часот, ограничувањето на осум лица на маса во рестораните со растојание од најмалку еден метар помеѓу масите, а јавните простори како што се спортски сали, музеи, галерии, забавни паркови и базени мора да обезбедат најмалку 10 квадрати простор по посетител. Укинати се и препораките за работа од дома, за возрасните да избегнуваат учество на масовни спортски натпревари и кампови, на универзитетите делумно да ја одржуваат наставата на далечина и да носат маски во случај на гужва во јавниот превоз.

Интересно е и тоа што коронавирусот засега останува општествено опасна болест во Шведска, но министерката Халенгрен најави можност за укинување на ваквата класификација на почетокот на април.

И покрај фактот што епидемиолошките ограничувања досега особено не го нарушија секојдневниот живот на Швеѓаните, ниту пак укинувањето на мерките значи дека коронавирусот исчезна, јавноста може да почувствува олеснување. Повеќето ноќни клубови ги отворија вратите за посетители точно една минута по полноќ од вторник кон среда. Исто така, туристичките агенции и авиокомпаниите веќе со денови бележат експлозија на интерес за патување, најмногу до далечни дестинации како Тајланд и Флорида.

Зошто се укинуваат мерките?

Основата на излегувањето на Шведска од режимот на пандемијата лежи во високата стапка на вакцинација, релативно ниската смртност од ковид и стабилниот број на пациенти на интензивна нега, и покрај силниот пораст на бројот на заразени со појавата на сојот омикрон. До денес, 84 отсто од населението над 12 години е вакцинирано со две дози во Шведска, а уште 53 отсто од возрасните исто така примиле бустер.

Во изминатата недела, земјата забележа 221 смртен случај од коронавирус, а со вкупна стапка на смртност од 157 на 100.000 жители, земјата е рангирана на 55-то место во светот, според американскиот универзитет Џон Хопкинс.

Министерката Халенгрен порача дека оваа земја мора да извлече поука од пандемијата, но и начин како што побезболно да излезе од неа.

„Имаше решеност дека мора да излеземе од кризата, која не погоди толку силно и сеопфатно, што е можно побезболно. Сепак, мора да извлечеме поуки од оваа пандемија, бидејќи очигледно е дека нашата заштита на граѓаните во најголем ризик беше недоволна“, рече таа.

Слични содржини