Во Скопје изложба на уметнички дела од ликовната колонија „Вевчански видувања“ 2018

од desk2

Во НЛБ Галерија во Скопје, денеска (17 декември) свечено ќе биде отворена изложбата на уметнички дела на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ 2018.

„Мозаик од бои“ е насловот на каталогот кој оваа колонија го изготвува традиционално пред изложбата во Скопје и истиот ќе можете да го погледнете токму на отворањето на изложбата. Во него има воведно обраќање на организаторот, самите дела кои се насликани на овогодишната Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“ 2018, како и информации за уметниците. Истиот се издава на македонски и англиски јазик.

Инспирацијата за творење во Вевчани и оформување на своите врвни уметнички дела таму годинава ја најдоа уметниците Ацо Станкоски, Ефтим Ристов, Никола Пијанманов, Ставре Димитров Стадим, Ниче Василев, Станко Георѓиески, Доне Милјаноски, Живко Попоски Цветин, Дамјан Затуроски, Цветанка Јованова и Петар Попчев од Република Македонија, како и уметниците Драгана Кнежевиќ (Србија), Светислав Савковиќ (Србија), Хо Ми Ан (Франција), Герард Гален (Франција), Златка Пентова (Бугарија), Анже Скалжунски (Полска), Јелена Савиќ (Србија), Бојан Савиќ (Србија), Јенс Линдвквист (Шведска), Осијан Теселиус (Шведска), Маркус Јохансон (Шведска), Петар Белишки (Бугарија) и Јуре Самец (Словенија).

Веќе 9. година на крајот на месецот јуни, во ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани се организира Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“. На оваа реномирана културно-уметничка манифестација имаат земено учество над 300 еминентни ликовни уметници од Република Македонија и од странство. Делата на оваа колонија до сега беа изложувани во светските уметнички центри како Њујорк, Москва и Париз.

Слични содржини