Во Скопје се лекуваат вкупно 303 лица сомнителни на Ковид-19

од Берта Китинска

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани нови 31 пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 303 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Според извештајот на Министерството за здравство, во последното деноноќие, на интерните клиники имало осум приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 15 нови приеми на пациенти и 8 на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле не биле примени пациенти. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 34 оздравени пациенти.

-Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 27 пациенти, на Клиниката за неврологија 35 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 51 пациент со симтоми на корона вирусот. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 81 болен, а на Клиниката за инфективни болести лежат 90 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 16 пациенти. На ГАК има 3 хоспитализирани ковид позитивни пациентки, соопштија од Министерството.

Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Според Министерството, бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 50 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Отворена е и модуларната болница во склоп на Инфективната клиника со дополнителен број кревети.

-Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.

Слични содржини