Во скопскиот регион „на големо“ се краде струја за копање криптовалути

од Берта Китинска

Од податоците со кои располагаме на годишно ниво се регистрира зголемена потрошувачка на електрична енергија, имено и во пандемиската 2020 година кога поголеми капацитети индустриски не работеа нивото на производство е скоро исто како и во 2019 година кога практично беше и регуларна година што беше индикатор дека има енормно зголемување кај домаќинставата поради копање на криптовалути, особено во одредени делови во Скопје.Покрај тоа што е зголемена потрошувачката на струја забележано е и нелегално превземање на електрична енергија, вели во разговор за „Локално“, Марко Бислимоски, претседател на РКЕ. Тој посочува дека во самото “копање” нема ништо спорно, само треба да се има соодветен приклучок.

Бислимоски напоменува дека Електродистрибуција која врши пренос на струја веќе има детектирано потрошувачи-домаќинства кои копаат биткоини и нелегално се приклучуваат на јавното осветлување.

-Секое домаќинство има одредено лимит за користење на струја. Самите осигорувачи имаат одредена моќност преку кои може да се повлече струјата.И поради тој аспект се ограничени.Прво нешто што треба да се направи доколку некој сака легално да се приклучи потребно е менување на осигорувачите.Бидејќи лицата кои сами нелегално ги менуваат може да предизвикаат проблем така што би прегорела инсталацијата и би се предизвикало пожар, објаснува Бислимоски, додавајќи дека овие кражби се одразуваат на зголемената потрошувачка, и прават проблеми во системот.

-Трошењето нелегално на електрична енергија се одразува врз напонот на останатите потрошувачи. Па така ако кафето сте можеле да го сварите за 5 минути, сега е потребно повеќе време. Затоа мора да се има соодветен приклучок за количината на електрична енергија која сакате и планирате да ја потрошите. Не исто светлото и телевизорот како и грејните тела дома со енергијата што е потребна “за копање” на криптовалути. Во вакви случаеви се зголемува и потрошувачката на електрична енергија. Значи мора да се преземат соодветни мерки со цел да се искорени оваа појава на неовластено преземање на електрична енергија заради копање на биткоини, апелира Бислимоски.

Од ЕВН велат дека кражбата на електрична енергија е феномен кој е присутен низ целата земја кој покрај тоа што е карактеристичен за објекти, истовремено се практикува и за копање криптовалути.

-Надлежните државни институции и ЕВН секојдневно се соочуваат и борат против овој феномен кој предизвикува огромни штети и последици, особено во ваков сензитивен период.

Најчесто, мрежата не е дизајнирана за новосоздадената потрошувачка на струја при копање криптовалути, а поединци се приклучуваат на диво за да ги избегнат големите трошоци за нивниот нов бизнис. Последиците од нелегално користење на струја за копање криптовалути се огромни и штетни како за компанијата, така и за корисниците на кои им се нарушува нормалното снабдување.

Според енергетските согласности домаќинствата се ограничени на потрошувачка од 11 KW. Нелегалното користење на електрична енергија може да доведе до преголема оптовареност на трафостаниците која резултира со сериозни оштетувања па и горење на самите трансформатори. Санацијата на овој вид штети од финансиски аспект чини десетици илјада евра, што понатаму негативно рефлектира во реализација на идни планови за развој и ширење на мрежата за корисниците, објаснуваат од ЕВН.

Од компанијата за „Локално“ велат дека копачите најчесто се откриваат при појава на чести дефекти на местата каде се инсталираат компјутери за таа намена.

-Тие се лоцираат и преку систем за анализа на потрошувачката, како и со контроли на напојни точки каде енормно се зголемува потрошувачката, а истата не може да се фактурира поради заобиколување на броилата и диво приклучување од страна на копачите.

Доста често пријави има и од самите корисници кои бараат одредени објекти да бидат целосно исклучени од нисконапонските мрежи, бидејки го загрозуваат нивното снабдување со електрична енергија. Вакви дојави и расправии кај самите потрошувачи е забележана и на социјалните мрежи каде се посочуваат поединци и се бара интервенција од надлежни служби да се проверат и отстранат компјутерите кои копаат, а кои прават штета на дистрибутивната мрежа. Имаме дојави дека копачите на биткоини ги сместуваат компјутерите и во напуштени селски куќи каде сметаат дека потешко ќе бидат откриени и нема да ја нарушат стабилноста во снабдувањето во соседството, велат од ЕВН.

Оттаму додаваат дека најголемиот дел од кражбите се во големите урбани средини каде што и концентрацијата на потрошувачи е најголема и тоа најмногу е заблежано скопскиот регион.

-Електродистрибуција постојано ја следи потрошувачката по трафостаници и при евентуални отстапувања прави мапирање на регионите каде што постои ризик од кражби. За жал сеуште има региони каде што пристапот на нашите екипи е отежнат при што е потребна асистенција на повеќе државни институции. Како последица од загубите во дистрибутивната мрежа може само да се идентификува дека постои кражба, а за понатамошна постапка се надлежни државните институции кои воедно прават и класификација на типот на кражбата, потенцираат од компанијата

За тоа што треба да се направи доколку некој сака леглано да копа валути, од ЕВН посчуваат дека овој бизнис треба да се регулира од страна на финансиските институции во државата.

-Кога тоа би било регулирано, тогаш и тарифата би се регулира од страна на Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи не станува збор за домаќинство.Немаме сознанија како е тоа решено во други држави. Но, искрено не веруваме дека копање биткоини е со нелегално користење струја, велат од ЕВН.

Б.М.

 

Слични содржини