Во собраниските фотелји седнаа 120 пратеници , најмладата народна избраничка има 23 години

од Берта Китинска

Во големата купола на Собранието, под посебни здравствени протоколи, почна првата седница на новиот парламентарен состав.

Просечната возраст на новоизбраните 120 пратеници е 45 години. Во собраниските клупи  седнаа  77 пратеници и 43 пратенички.

Во новиот собраниски состав има 16 нови пратеници кои се на возраст од 23 до 35 години. 23-годишната студентка Артина Ќазими од гостиварски Добри Дол кандидатка на Алијанса за Албанците и Алтернатива е најмладата народна избраничка. Додека највозрасни пратеници се 72-годишните Стојан Миланов (ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата) и Илија Николовски (Коалиција „Можеме” предводена од СДСМ).

На предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули, Коалицијата на СДСМ „Можеме“ освои 46 пратенички мандати, на ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“ – 44, ДУИ 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА.

Во Собранието денеска на првата конститутивна седница се гласаше избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието на Република Северна Македонија.

Вкупно гласаа 117 пратеници. „За“ гласаа 115 пратеници, „Против“ нема, „Воздржани“ двајца пратеници.

За претседател на Верификационата комисија на Собранието е избрана Јагода Шахпаска, а за членови се избрани пратениците Изет Меџити, Благица Ласовска, Соња Мираковска и Сафије Садики Шахини.

Слични содржини