Во тек е најголемиот психолошки експеримент во историјата

од Stefanija Kuzmanovska

Во тек е најголемиот психолошки експеримент во историјата, тврдат психолозите. Пандемијата на коронавирусот, карантините, мерките за изолација и самоизолацијата влијаат врз милијарди луѓе во светот. Бројни психолози во многу земји сега истражуваат како луѓето всушност реагираат на неволјите, пишува Scientific American.

„Влијанието на пандемијата врз менталното здравје е неверојатно. Во еден момент, дури третина од светската популација беше затворена во нивните домови. Ова значи дека 2,6 милијарди луѓе, повеќе отколку што имало на планетата за време на Втората светска војна, ги доживеале емотивните и финансиските реперкусии на пандемијата. „Пандемијата и карантините се без сомнение најголемиот психолошки експеримент во историјата кој е спроведен“, напишал психологот Елке Ван Хоф, професор на Слободниот универзитет во Брисел, пренесува американскиот научен весник.

Една од клучните карактеристики на луѓето е прилагодливоста, а таа дојде до израз за време на пандемијата, вели психијатарот Џорџ Ваилант од универзитетот Харвард, кој вели „кога некоја гранка се наведнува и не се скрши, таа се враќа и продолжува да расте“.

Најновите откритија на психолошкото истражување зборуваат во прилог на метафората на Ваилант. Според нивните резултати, дури две третини од луѓето многу брзо се опоравуваат и не страдаат од долгорочни психолошки проблеми по тешки стресни ситуации.

Меѓутоа, една третина од нив страдаат од вистински психолошки проблеми што можат да траат со месеци, па дури и со години.

Дури и ако мнозинството се покаже како отпорно, добар дел од луѓето се загрозени од психолошкото влијание на пандемијата, па нè чека вистинско цунами на ментални заболувања, предупредуваат експертите.

Луѓето се соочуваат со повеќе удари – страв од болест, осаменост, губење на најблиските, последици од економската криза, неизвесност кога ќе заврши пандемијата. Поради тоа многумина ќе страдаат од депресија, вознемиреност или посттрауматски стрес. Ова го покажаа и резултатите од најновото истражување.

„Пандемијата ги активираше сите можни извори на стрес, што за многумина ќе биде многу тешко да го поднесат“, вели психологот Анита Делонж од Универзитетот во Британска Колумбија.

Отпорноста на секој поединец е дополнително комплицирана со фактот дека не секој е изложен на пандемија на ист начин и дека тоа зависи од личното здравје, економскиот и социјалниот статус, тврди медицинскиот антрополог Керол Вортман од универзитетот Емори.

Поради таквото влијание врз менталното здравје, психолозите, следејќи го примерот на научниците кои брзо работат на вакцина против корона, ги интензивираа своите истражувања за психолошките последици од пандемијата.

Масовната транзиција кон виртуелни форми на работа и дружење исто така придонесе за забрзување на истражувањето. Психијатарот Денис Черни од Медицинскиот факултет „Маунт Синај“ во Њујорк наведува дека ова ќе придонесе за новата „наука за прилагодливост“.

„Ќе можеме да научиме како да им помогнеме на луѓето да станат отпорни на нешто уште пред да се случи тоа“, вели тој.

Џорџ Бонано од универзитетот Колумбија, кој ги истражува психолошките последици од голема траума, вели дека 65 проценти од луѓето покажуваат минимални психолошки симптоми кога се соочуваат со голем стрес. Меѓутоа, 25% имаат привремени проблеми, додека 10% страдаат од постојани ментални нарушувања. Сепак, додава тој, она што загрижува е што за луѓето кои се пониско на економската скала, ризикот од психијатриски нарушувања се удвојува.

Меѓутоа, експертите предупредуваат дека последиците од сегашната пандемија може да бидат потешки. Според Дејзи Функурт, епидемиолог од Универзитетот во Лондон, „ова е прв пат во историјата да имаме глобален карантин кој трае толку долго“, што може да има многу негативен ефект врз човечката психа.

Едно од најголемите психолошки истражувања е веќе завршено во Кина, која беше земја што ја зафати епидемијата на новиот коронавирус. Според неговите резултати, дури 35 проценти од луѓето изјавиле дека имаат психолошки проблеми како последица на карантинот.

Друга студија од САД покажа дека карантинот особено ја влошува анксиозноста кај луѓето кои веќе страдаат од неа.

Она што е позитивно е дека постарите се справуваат подобро со тој стрес од помладите. Психолозите претпоставуваат дека тоа е заради нивното големо животно искуство, па така тие развиле механизми за одбрана од стрес.

Слични содржини