„Во текот на летото 2021 година, ќе ја победиме пандемијата“

од Nikola Popovski

Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска им се обрати на граѓаните со говор на надеж по повод претстојниот Божиќ.

„Тековната 2020 година беше неверојатно тешка. Верувам и сите сме обединети во тоа, да се радуваме на денот кога конечно ќе можеме да се вратиме во нормала и светот ќе биде таков каков што го знаеме и цениме“, истакнал Курц.

Тој рече дека не сака да зборува многу за тоа колку е тешко, бидејќи на Божиќ се слави надежта и благодарноста.

Тој им се заблагодари на граѓаните за истрајноста и издржувањето на ситуацијата.

„Им благодарам на сите за вашиот придонес што го дадовте. Без оглед дали станува збор за луѓето што работат, бизнисмените што го даваат својот придонес економски да минеме низ кризата, семејствата што успеаја да се снајдат преку работа од дома, како и децата, кои учеа од дома и, нормално, сите што се ангажираат околу другите луѓе, го даваат својот придонес, како непрофитните организации, така и болниците“, кажа тој.

Божиќ, како што истакна, е празник на надежта, а за надеж има посебна причина, укажувајќи на вакцинирањето кое во Австрија почнува во недела.

„Со секоја вакцинација ќе бидеме поблиску до победата над пандемијата. Отсекогаш се знаеше дека есента и зимата ќе бидат многу тешки. И тоа важи и за месеците на почетокот на 2021 година. Тие ќе бидат голем предизвик, но колку потопло, толку повеќе вакцинирани, летото ќе биде поблиску и ситуацијата ќе биде подобра“, посочи тој.

Курц изрази уверување дека Австрија ќе може да се врати во нормала во текот на летото.

„Во текот на летото 2021 година заедно ќе ја победиме панемијата. Среќни празници во тој поглед и ви благодарам за поддршката. На сите им посакувам 2021 година да биде добра година“, заклучи тој.

Слични содржини