Во Турција поставени речиси 51.000 шатори за загрозените од земјотресот

од Stefanija Kuzmanovska

Агенцијата за управување со вонредни состојби на Турција (АФАД) соопшти дека е завршено поставувањето на станбени шатори во подрачјата погодени од земјотресите. Досега се поставени вкупно 50.818 големи семејни шатори за сместување на жртвите од земјотресот.

Една од шаторските населби е поставена на стадионот во градот Кахраманмарас на југот на Турција.

„Исто така, вкупниот број на персонал за пребарување и спасување во регионот составен од персонал од АФАД, Жандармеријата, Министерството за одбрана, Противпожарните бригади, Министерството за образование, невладините организации и волонтери е 79.110. Во подрачјата погодени од земјотресите се испратени и 5.309 лица кои дошле на помош од други земји“, се наведува во соопштението.

Во погодените подрачја испратени се вкупно 5.402 возила – багери, шлепери, дигалки, булдожери, камиони, камиони за вода, приколки и други возила.

„Вкупно десет бродови – девет бродови на командата на поморските сили и еден брод на командата на крајбрежната стража, беа испратени во регионот заради транспорт на персонал, материјали и евакуација“, соопшти АФАД.

Земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди јужна Турција рано наутро во понеделникот. Епицентарот на земјотресот е регистриран во областа Пазарчик во Кахраманмарас. Провинциите Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатија, Османије, Хатај и Килис беа сериозно погодени од земјотресот.

Слични содржини