ВО ЖИВО: Најзначајното македонско црковно светилиште денеска слави милениумски јубилеј

од Берта Китинска

Во илјадагодишното постоење манастирот поминал низ различни периоди и епохи, се соочувал со различни предизвици, кои ги носело времето, а денес кога станува збор за Бигорската обител, невозможно е да не се спомене зборот „препород“ – било да се зборува за славното минато на манастирот или да се суди за денешните негови дела, особено во насока на помошта, која ја пружа на социјално загрозени лица, но и оние кои се борат со секаков вид зависности.

Посветен е на Свети Јован Крстител, за кој во христијанските списи се вели дека „меѓу родените од жена нема поголем од него“.  Педесет монаси и монахињи брои денес Бигорската обител и претставува една од најголемите монашки заедници на Балканот. Тие се распределени во четири манастири, од кои Бигорскиот манастир и Манастирот на Свети Великомаченик Георги Победоносец во Рајчица се административно поврзани, а другите се во Манастирот Благовештение на Пресвета Богородица – Пречиста во Кичево и на Свети Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во Кнежино, Кичевско и тие се само под духовно раководство на епископот Антаниски г. Партениј, а имаат свое самоуправување.

Партениј кон крајот на јули 1995 година, откако одредено време престојувал во манастирот Григоријат на Света Гора, по враќањето во земјава добил задача да го обнови Бигорскиот манастир. Тогаш 24-годишниот Зоран Фидановски, со благослов на надлежниот Дебарско-кичевски митрополит г. Тимотеј ја започнува својата монашка посветеност, за обнова и продолжување на вековната духовна традиција во древното македонско православно светилиште – Бигорскиот манастир. По упокојувањето на последниот монах и игумен, отец Спиридон, во 1948 година, монашкиот живот во Бигорски бил сосема згаснат, а богослужението прекинато.

Храмот на Свети Јован Претечата бил целосно запуштен и нечист, конакот Долни палат – само еден несоодветно принаправен објект, Горни палат во распаѓање, немало ни соодветна електрична инсталација ни водоводна мрежа, ниту некакви основни услови за живот.

Главната и централна прослава на великиот јубилеј 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир ќе се одржи денеска со почеток во 9:00 часот со Божествена архијерејска литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.

По завршувањето на литургијата пред присутните, освен архиепископот г. г. Стефан, ќе се обрати и покровителот на прославата, претседателот на државата Стево Пендаровски.

Слични содржини