Војната меѓу Конте и Тухел продолжи на Инстаграм: „За среќа, не те видов“

од Vladimir Zorba

Лондонското дерби помеѓу Челси и Тотенхем донесе се што сакаат фудбалските фанови – голови, пресврти, неизвесност до последните моменти, ерупција на емоции, но и тензии кои особено ги подгреаа тренерите.

Томас Тухел и Антонио Конте двапати влегоа во клинч во текот на мечот, по израмнувачкиот гол на Тотенхем за 1:1, како и во самиот финиш на мечот, откако се ракуваа.

Тухел се изнервирал што Конте не го гледал во очи кога се ракувале, му ја стисна и повлече раката со гестикулација дека треба да го погледне во очи, по што речиси дојде до жестока физичка пресметка.

Сите скокнаа од клупата, но и играчите, а за ова и двајцата тренери добија директен црвен картон.

– Би го споредил со играчи кои почнуваат тепачка, но ништо не се случува. Не е потребно извинување, ова е Премиер лига. И двајцата денеска се боревме за нашите тимови и никој не се повреди, не се истепавме, никој не беше повреден. Не ми е ништо посебно. За момент зоврев, но ништо лошо. Се случува. Блиску сме еден до друг, натпревар полн со тензија. Само се разгоре, ништо посебно – изјави Германецот по мечот и ги спушти тензиите, но Конте сепак ги зголеми со објава на Инстаграм.

Темпераментниот Италијанец на „стори“ објави видео од Тухел како го прославува вториот гол на Челси, кога трчаше по аут-линијата до клупата на Тотенхем.

Тухел потоа претрча покрај Конте, кој ја спушти главата и не го виде менаџерот на Челси како слави.

– Среќа што не те видов… ќе беше заслужено да те сопнев – напиша Конте со смешковци.

Слични содржини