„Војната“ продолжува: Илјадници кинески истражувачи ја напуштија Америка

од Stefanija Kuzmanovska

Повеќе од илјада кинески истражувачи ги напуштија САД поради владините активности против наводната кражба на технологијата, соопштија американските власти.

На настанот организиран од Институтот Аспен, Џон Демерс од Министерството за правда рече дека истражувачите ја напуштиле земјата откако Министерството покрена неколку кривични постапки против кинески државјани обвинети за индустриска и технолошка шпионажа, пренесува Ројтерс.

Друг службеник на Министерството за правда рече дека ова не е истата група за која зборуваше Стејт департментот во септември, кога рече дека САД ги укинале визите за повеќе од илјада кинески граѓани како дел од мерките донесени од претседателот Доналд Трамп. Потоа им забрани влез на студентите и истражувачите за кои се смета дека претставуваат ризик по безбедноста на земјата.

Овој официјален претставник рече дека американските власти веруваат дека истражувачите кои сега ја напуштиле земјата се поврзани со Кинеската народноослободителна армија. Тој наведува дека овие истражувачи ги напуштиле САД откако ФБИ спроведе истрага во повеќе од 20 градови низ целата земја во јули, а Стејт департментот го затвори кинескиот конзулат во Хјустон.

На истиот настан, Вилијам Еванин, директор на Националниот центар за контраразузнавање и безбедност, рече дека кинеските агенти веќе ги таргетираат членовите на администрацијата на новоизбраниот претседател според медиумските проекции Џозеф Бајден, како и луѓе блиски до неговиот тим.

Односите меѓу САД и Кина значително се влошија за време на мандатот на Доналд Трамп поради различни спорови, од трговски и технолошки проблеми, преку ситуацијата во Хонг Конг, како и поради пандемијата.

Слични содржини