„Волмарт“ го повлече огненото оружје од полиците поради страв од немири

од Vladimir Zorba

„Волмарт“, најголемиот трговски ланец во светот, соопшти дека оваа недела отстранил огнено оружје и муниција од полиците на своите продавници во САД за да ги заштити клиентите и вработените, бидејќи напнатоста расте низ целата земја.

Пред претседателските избори во САД, многумина се загрижени дека резултатот може да биде оспорен или да предизвика насилство.

„Видовме изолирани случаи на граѓански немири и како што сторивме во неколку ситуации во последниве години, превентивно префрливме оружје и муниција од полиците во магацинот, за безбедноста на нашите работници и клиенти“, изјави портпаролот на „Валмарт“.

Компанијата не одлучи кога ќе го врати оружјето и муницијата на полиците, додаде тој.

Малопродажниот ланец со седиште во Бентонвил, Арканзас, има повеќе од 5.000 продавници во САД, а приближно половина од нив продаваат оружје, кое ќе продолжи да им биде достапно на клиентите кои ќе побараат да го купат.

Малопродажните компании се загрижени откако, на почетокот на оваа година, луѓето искршија излози на продавници, крадеа стоки и понекогаш палеа некои продавници во Чикаго, Њујорк, Лос Анџелес, Портланд и други американски градови.

Друг тренд исто така придонесува за загриженост – продажбата на оружје во САД е на рекордно високо ниво оваа година, а повеќе луѓе кои никогаш претходно не поседувале оружје се одлучиле да го купат во последните месеци.

Во јуни, „Волмарт“ повлече огнено оружје и муниција од некои продавници во САД за време на протестот за смртта на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд во полициски притвор кон крајот на мај.

Минатата година „Волмарт“ престана да продава муниција за пиштоли и некои полуавтоматски пушки во сите свои американски продавници, пренесува „Гласот на Америка“.

Компанијата, исто така, повикуваше во минатото подетално да ги провери биографиите на купувачите на оружје, како и да спроведе кампања за луѓето, за кои се верува дека можат да предизвикаат насилство, да им се оневозможи поседување оружје.

Слични содржини