Вонредната состојба е мртва, да живее Ердоган-состојбата!

од desk4
 Вонредната состојба во Турција беше продолжувана седум пати, по две години, сега конечно е укината. Но, со планираниот антитерористички закон, вонредната состојба ќе стане трајно задржана, коментира Хулија Шенк.

 

Од сѐуште нецелосно разјаснетиот обид за пуч во Турција од 15. јули 2016. година, поминаа две години. Оттогаш, Турција доживува вистински кошмар, кој големата земја и илјадници граѓани ги повлече во вителот на темни води. Преку 70.000 луѓе се најдоа во затвор без законска подлога. Со декрет се отпуштени преку 121.000 службеници од јавните служби. Правната основа е спорна, од политички и општествен аспект одлуките се многукратно неразбирливи. Во многу случаи не бил правен дури ни напор да се даде образложение за отказот. Зашто, кој да стравува од правосудството, кога владее вонредна состојба?

Непотребна вонредна состојба

Турција доживеа престројување. Сега, по најкритикуваните претседателски избори во историјата на земјата, владата повеќе нема потреба од вонредната состојба. Таа може слободно да се воздржи од нејзино осмо продолжување.

Што се случува сега? Дали Турција ќе се врати кон некогашниот, повеќе лош отколку добар, но сепак делумно функционирачки демократски систем? Ќе бидат ли ослободени неправедно затворените новинари, политичари активисти и другите невини граѓани? Дали сите оние кои преку ноќ ги загубија своите работни места и својата егзистенција, повторно ќе се вратат на работа? Дали луѓето пак ќе можат да го користат правото на демонстрации? Ќе можат ли новинарите повторно непречено да известуваат и слободно да го изразуваат своето мислење?

По сѐ изгледа, за жал нема да биде така. Зашто, Реџеп Таип Ердоган конечно ја постигна својата цел, претседателски систем. На тоа работеше со години, со намера да ја обликува Турција како поконзервативна и поисламистичка држава. Но, системот кој на претседателот му дава јасно зголемени надлежности, уште не е целосно етаблиран. Покрај тајната служба, на претседателот директно му се подредени безбројни натамошни државни институции. Државата доживува пресврт – сѐ треба да зависи од една личност. Но, сега на Ердоган му се потребни дополнителни инструменти со кои може да го заобиколи правосудството. Нему му е потребен и лост со чија помош слободните места во јавните служби и во државниот апарат ќе ги пополни исклучиво со свои луѓе, со цел да ги реализира своите натамошни планирани чекори, да спречи евентуални противречења и протести и да ги замолчи оапиционите гласови. Инструмент за овие цели е планираниот Антитерористички закон, како и ингеренцијата на претседателот да донесува декрети.

Неправдата ќе стане правда

Предлогот на новиот Антитерористички закон вонредната состојба ја претвора во еден вид „трајна нормална состојба“. Правата и слободите на граѓаните ќе останат и натаму ограничени. Предлог-законот освен тоа предвидува Министерскиот совет и во следните три години да може да наложува отпуштање на службеници од јавните служби без наведување на причините. А Ердоган сега добива овластување за донесување декрети. Со нивна помош, може по своја волја да донесува закони, за тоа веќе не му е потребен праламентот. Заедно со законодавството, во неговите клешти стигнува и судството: од 15 членови на Уставниот суд, 12 може да одреди тој самиот.

Гласот на слободните медиуми одамна е замолчан. Преку 130 новинари се во затвор, 90 проценти од турските медиуми се блиски на владата и вршат јавна пропаганда во нејзина корист.

Ердоган одамна ги игнорира меѓународните конвенции за заштита на човековите права, чиј потписник е и Турција, исто како и повиците од сите страни за враќање кон демократија. Тој го издигна неправото над правото и ќе продолжи да ја владее земјата во таа насока. Негова цел е земјата да стане уште поконзервативна, уште порелигиозно ориентирана, затворена кон надвор и поавторитарна. И да остане на власт што е можно подолго. Турција е вовлечена во вител од сѐ поматни води. Овој кошмар ќе трае уште долго. На сите заговорници на демократска Турција, им претстојат тешки времиња.

Слични содржини