Воскопулос ја поздрави одлуката на Судот во Лерин: Се уште е жив современиот македонски јазик!

од Nikola Popovski

Одлуката на Судот во Лерин е позитивно изненадување бидејки минатите години за слични теми требаше да се жалиме во Стразбур и Европскиот суд за човекови прави, каде што имаме неколку победи, вели за „Локално“ членот на колективното раководство на партијата на Македонците во Грција, „Виножито“, Павле Воскопулос Филипов, после отфрлањето на тужбите од тамошните здруженија и невладини организации, кои побараа укинување на Центарот за македонски јазик во Грција.

Тој смета дека ваквата одлука добива на тежина бидејќи бидејки станува збор за локален суд што не е лесно, кога станува збор за „национали теми“ во Грција.

-Кога Судот во Лерин го признава во суштина македонскиот јазик, индиректно почитува мајчин јазик на мнозинството на населението во Лерин. Може да биде пример и за другите региони на северна Грција оти секако и таму се уште е жив современиот македонски јазик, истакнува Воскопулос.

Соговорникот порачува дека состојбата на македонското малцинство не е директно поврзана со судската одлука, дури и позитивна како конкретниот случај со македонскиот јазик.

-Најпотребно е да има реформа во Грција и во образованието во однос на македонското прашање и во суштина младиот Грк да не ја поврзува македонштината само со античките интерпретации во државата. Од кога просечен Грк ќе се информира дека има поинаква македонштина на Балканот, тогаш ќе можеме посигурно да зборуваме за унапредување и на малцинските права на македонското население, додава Воскопулос.

Партијата „Виножито“, додава Воскопулос, е децидна дека Преспанскиот договор е корисен за македонската држава бидејќи со неговото потпишување, во брзо време станавме членка во НАТО.

-Се надевам слично ќе биде и со влезот во ЕУ и ќе има вид „компромис“ со Бугарија што има сличен „комплекс“ како Грција околу македонското прашање. Сигурно во Преспанскиот договор чисто и јасно се признава македонски јазик. Центарот и формирањето на невладина организација не се директно поврзани со Преспанскиот договор бидејки центарот за македонски јазик е поврзан со македонското население на Северна Грција. Ние припадниците на македонското население настојуваме позитивно да делуваме како граѓани во Грција со македонска национална свест, да бидеме мост за соработка и пријателство помеѓу Грција и независната македонска држава на северот, заклучува Воскопулос.

Н.П.

Слични содржини