Воскопулос: Moжно e укинување на Центарот за македонски јазик во Лерин

од Nikola Popovski

Пред речиси месец и половина во грчкиот град Лерин се случи историски настан откако официјално беше регистриран Центарот за македонски јазик. Станува збор за прва невладина организација во Грција, која директно се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи. Сепак во текот на вчерашниот ден пристигна непријатна вест дека е можно укинување на Центарот по приговор на јавниот обвинител од Лерин.

Ваквата информација за „Локално“ ја обелодени членот на колективното раководство на партијата на Македонците во Грција, „Виножито“, Павле Воскопулос Филипов. Според него, основачите на Центарот добиле покани за на суд околу можното укинување на првостепеното решение за регистрација.

-Дојде после интервенција од Атина. „Длабоката држава“ интервенира по соодветните малцински прашанја дури и во судските одлуки, ни рече Воскопулос.

Тој стравува дека е можно укинување на Центарот за македонски јазик.

-Грчките органи решаваат и интерпретираат по свое убедување и „соодветно“ со грчките национални интереси. Во случајот да не се легализира во суштина македонски субјект различно од грчките стандарди, што е интерпретација, создадено пред децении, посочува Воскопулос.

Членот на „Виножито“ информира дека засега Центарот функционира и помага околу изучувањето на современиот македонски јазик со помош на електронски помагала, конкретно преку Интернет.

За тоа дали укинувањето на ова здружение ќе ги влоши односите меѓу Македонија и Грција, Воскопулос не гледа поврзаност со случајот.

-Нема врска односите помеѓу независната македонска држава и Грција со овој случај бидејќи македонското малцинство никогаш не може да стане предмет на љубов или омраза меѓу државите. Суштината е да се демократизира Грција при малцинските прашања и Грција да направи реформа околу спроведувањето и развивањето на современите национални идентитети. Конкретно да ги информира своите граѓани дека современ македонски национален идентитет е различен од тоа што со децении го „сервира” системот во Грција. Ние тука сме припадници на национално македонско малцинство и секако како „Виножито“ сме “лек” за грчката болест при македонското прашаше и по широко окулу грчките национални стереотипи, изјави тој.

Центарот дава поддршка на легитимното барање за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во Грција, вклучително и за ратификација на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за малцински јазици од страна на Парламентот на Грција. Барањето за регистрација на организацијата беше одобрено од страна на судот на 28 јули 2022 година, додека одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година.

-Еве ги плодовите од Преспа, ни носат радост на сите што зборуваме македонски јазик, на сите Македонци, реагираше поранешниот премиер Зоран Заев во ноември минатата година откако Грција го регистрираше Центарот.

Поранешниот шеф на дипломатијата, Никола Димитров исто така ја поздрави одлуката и напиша дека „вредноста на вистинските компромиси трае и расте со времето“.

-Вистинските компромиси ги смируваат, не ги влошуваат односите бидејќи се грижат за суштинското на двете страни, порача тогаш Димитров.

Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17-ти јуни 2018. Тој му стави крај на спорот кој траеше повеќе од четврт век и поради кој беа закочени евроатлантските интеграции на Македонија.

Н.П.

Слични содржини