Воскресение Христово -Велигден e!

од Vladimir Zorba

 

Денеска е Воскресение Христово (Велигден) 

Велигден, или празникот на Христовото воскресение е дефинитивно најголемиот христијански празник. Страдалната седмица заврши со новиот ден, денот на воскресението. Ние сме свикнале да ја делиме неделата на седум дена. Но, денес се установува тајната на осмиот ден, т.е. идниот ден, кој треба да дојде за никогаш да не заврши како што завршува секој ден на ова наше време. Христовото станување од мртвите е потврда на сите негови зборови, на сите негови ветувања. Подоцна апостол Павле ќе зборува: Ако Христос не воскреснеше, ќе беше залудна вашата вера, ќе беа залудни вашите надежи, зашто ќе верувавте и ќе се надевавте напразно. И навистина е така, бидејќи Христос не ветуваше привремена поправка на нашите животни услови, како што ветува на пример некој политичар или економист и кој ги проучил космичките закони па вешто се раководи според нив, туку ветуваше една сосема нова реалност, како креатор кој е мо¬ќен и способен да ја создаде таа реалност, поинаку кажано, како господар над животот и смртта. Утрото на третиот ден од Христовата смрт до неговиот гроб дојдоа прво жените мироносици и ја најдоа тргната плочата што го затвораше гробот. Внатре во гробот сретнаа еден пресветол ангел кој им ја кажа веста за Христовото воскресение. Оваа вест оттогаш секоја година ја објавува Црквата низ целиот свет, како најрадосна вест за целиот човечки род.

Именден празнуваат: Величко, Велика, Велјан, Воскресија, Анастас, Анастасија…

Денот на Христовото воскресение Велигден е не само најголемиот туку и најстар христијански празник што се празнува од вториот век. Тој е суштината на христијанството, потврда и на самата вера зашто како што рекол свети Апостол Павле: „Ако Христос не воскреснеше празна ќе беше и нашата вера“. Затоа на Велигден пееме: „Христос воскресна од мртвите,/ со смртта, смртта ја победи,/ и на оние што се во гробовите/ живот им дарува“.
Со право повеќемина истражувачи истакнуваат дека ако не постоеше Христово воскресение тоа требаше да се измисли, зашто ако Христос не ја победеше смртта тогаш човековиот живот ќе немаше смисла, ќе беше само едно долго умирање од раѓањето до смртта, но и на човекот во тој период ќе му беше сè дозволено, ќе царуваа неморалот и другите негативни демони.
Всушност, Исус Христос и се јавил во едно такво пресудно време кога зацарувале неморалот и расипништвото и кога човештвото се нашло на беспаќе. Јавувајќи се со своето учење Исус објавил дека е „Пат, вистина и живот“. Но наместо да биде прифатен и величан од страна на тој, од Бога избран еврејски народ, тој ист народ за него побарал распнување како за најголемите разбојници. Зошто Исус не бил разбран и не бил прифатен? Еврејскиот народ кој со помош на Бога се ослободил од египетското ропство, западнал под друго ропство ‒ римското. Тој народ очекувал водач силен и агресивен кој ќе го поведе во борба за слобода. Исусовото учење имало друг карактер, тој проповедал друг пат до слободата и вечниот живот.
Нашиот народ со подолги подготовки и со посебна возбуда го пречекува овој празник. Сепак, со Велигден се поврзани помалку обичаи отколку, да речеме, со Божик или со Ѓурѓовден. Истражувачите на овие обичаи сметаат дека причина за тоа е фактот што Велигден не е поврзан со одреден датум како што е тоа случај со споменатите и некои други празници, туку секоја година го менува датумот. На овој празник му претходат долгите Велигденски или Велики пости коишто траат цели седум недели не сметајќи ги Сиропусната недела која е една недела пред Прочка и Месопусната недела една недела пред неа. Востановен уште во апостолски времиња, за да биде оформен во денешната форма до IV век, постот има цел христијаните да се подготват за достојно прославување на празникот. Во текот на овие Велигденски пости преку самоконтрола, преку разни самоодречувања, откажување од телесни задоволства, од обилна и пред сè мрсна храна, преку контролирање на страстите, откажување од веселби, песни и сл. човекот во страдањата се доближува до својот Спасител, за со примањето на чесната причесна на самиот ден Велигден рано наутро да се идентификува со него, јадејќи ја нафората што го претставува Христовото тело и пиејќи го виното што ја претставува неговата крв.
Кај нашиот народ постојат повеќе пословици и поговорки во кои се споменува Велигден. Така на пр. се вели: „Секој ден не е Велигден“, или: „Катаден Велигден не бидуват“, „Ден за ден дојде и Велигден“ или: „Велигден голем ден“, „На Велигден на благ ден“ итн., со што се укажува не само на фактот дека Велигден се чека со посебна возбуда, туку и на значењето на овој празник.
Велигден е центар на повеќе празници познати како празници со непостојан датум или како циклус велигденски празници. Нивните датуми коишто се менуваат секоја година се зависни од Велигден и се определуваат откако ќе биде одреден неговиот датум. Прочка или Проштени поклади е секогаш седум недели пред Велигден, Првата сабота по Прочка е Тодорова сабота (Тодорица), неделата пред Велигден се Цветници, саботата пред Цветници е Лазарева сабота (Лазарица), четириесет дена по Велигден, и секогаш во четврток е Вознесение (Спасовден), десет дена по него или педесет по Велигден е Духовден (Педесетница). На половина меѓу Велигден и Педесетница, односно на 25-тиот ден, секогаш во среда е празникот Преполовение, што народот го вика Руса Среда. Самиот чин на воскреснувањето на Исус Христос им дава смисла и на некои други празници од христијанскиот календар како што се Божик (денот на Христовото раѓање) потоа Светото благовештение (Благовест) Преображение, Крстовден и др.

Слични содржини