Востание! Кренете глас до небо, ДЕБРЦА е СВЕТИЛНИК на македонската историја!

од desk4

ПОСЛАНИЕ:На Трајан Петровски, писател, дипломат и општественик, до учесниците на вчерашниот протестен собир во Дебрца, по повод намерата да се гради регионална депонија кај селото Годивје

 

Дебрчани, охриѓани, македонски народе. Отворете очи. Станува збор за насилничката намера Општина ДЕБРЦА да стане Општина Депонија, спротивно од сите еколошки стандарди, историското значење, културното наследство, традицијата,егзистенцијалните аспекти и многу други аргументи.

Кренете глас до небо, ДЕБРЦА е СВЕТИЛНИК на македонската историја. И во Илинден и во НОБ. СВЕТИЛНИЦИТЕ уживаат посебна заштита.

Минатата година повторно воскресна пакосната идеја за изградба на депонија (буниште, ѓубралник) токму во Дебрца, во атарот на селото Годивје. Жителите на Дебрца се соочија со безобѕирен ултиматум, со недоквакани образложенија дека така било договорено на највисоко ниво, во ресорното министерство на естаблишментот, во консултација со некакви меѓународни експерти!)!

Кажете гласно дека најголемата одговорност ќе падне врз  плеќите на премиерот Зоран Заев, како првоодгворен во естаблишментот, независно кој е директно одговорен од  наводните ,,големи стручњаци” натоварени со привилегии, кои се зафатиле со ваква сериозна задача.

Кренете црвен картон – немат отстапница!

Борбена и славна Дебрца, македонската Прва Слободна територија (читај Република)  во еконт на Ослободителната војна против фашизмот, не смее да дозволи од светилник на историјата да се претвори во буниште на историјата и на иднината. Дебрца не е ничија сермија.

 

Дебрца (славна) е Првата македонска територија (читај Република) уште од 1943 година. Без неа не ќе беше ни АСНОМ.

Во Дебрца се формираа првите воени единици на македонската антифашистичка, ослободителна војска. Баталјонот ,,Мирче Ацев” беше формиран на Славеј Планина на 18 август 1943. Првата Македоно-косовска ударна бригада беше формирана во славно Сливово, во ноември 1943.

Во истата таа година беа отворени првите училишта на македонски јазик. Беа создадени првите органи на народната власт.

Во Дебрца беше седиштето на Главниот штаб на НОВ и ПОМ.

Во Дебрца беше усвоен Првиот Манифест до македонскиот народ.

Во Дебрца беше формирано првото Верско поверенство, почетен чин на Автокефалноста на македонската црква.

Во Дебрца дејствуваше Првата воена болница, среде планина. ВоДебрца беа стационирани првите воени сојузнички мисии. И да не набројувам повеќе. Има уште многу први работи. Да не ги спомнувам палежите и загинатите за слобода.

Дигнете се еколози, љубители на недопрената природа! Во Дебрца не смее да се гради никаков објект од типот на депонија, заради заштитата на Охридското Езеро и забраните од УНЕСКО. Реката Сатеска со сите околни притоки е поврзана со водите на Охридското Езеро. Локацијата за депонија во Годивје е покрај Автопатот за Охрид, на растојание од триста метри.

Дегутантни се приказните за споредба со наводна современа технологија, по примерот на Швајцарија И другите европски цивилизирани држави. Целата наша државичка е депонија. Ние не сме кадри да менаџираме такви објекти, какво и да биде совршенството. Ние сме далеку од нормалноста, а не пак од совршенството.

Зачудувачки е молкот и на градоначалникот на Охрид, на насилничкото, кабадахиско обезличување на Дебрца.

Па сепак, нека знаат сите – нашата слободна територија нема да се предаде по никоја цена. Нема да моли за милост и да клекне на колена. Таа е веќе востаната. Ќе го брани својот беден и уценувачки опстанок со востание.

Востание!!!

Слични содржини