Возачот на автобусот од сообраќајката кај Ласкарци добивал закани по живот

од desk2

Обвинителството има сознанија дека некој му се заканува на возачот на црвениот автобус на Дурмо Турс. Првиот човек на обвинителството вели дека и објавите на социјалните мрежи сериозно се следат. 49 годишниот возач од Гостивар е исто така жртва како и останатите патници засега, бидејќи не е утврдена одговорност како дошло до трагичната несреќа.

„Сериозно ги следиме и заканите…. апелаираме на презумпција на невиност.. Обвинителството не може конкретно да ја посочи вината кај некое лице. Преземени се повеќе мерки за утврдување на причините за несреќата. Откако обвинителството ќе ги има доказите, ќе соопштиме кои се причините и евентуалната одговорност на сторителите на кривичното дело. Се сослушуваат сведоци. Нема податоци кој ја има одговорноста за несреќата“. – изјави Љубомир Јовески – државен јавен обвинител.

На социјалните мрежи веќе неколку дена граѓани алармираат дека возачот и неговото семејство добивале закани по несреќата. Наводно поради страв привремено се преселиле од Гостивар во една скопска населба. Инаку, двајца од повредените во сообраќајната несреќа се во тешка состојба. Од нив, еден е на одделот за хируршка-интензивна нега во Градската општа болница „8 Септември“, додека другиот е на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Во „8 Септември“ се лекуваат уште седуммина од повредените кои се во добра општа состојба, на КАРИЛ се третираат уште двајца кои се во стабилна состојба, а на Универзитетската клиника за неврохирургија има една пациентка која исто така е во стабилна состојба. Еден повреден има и на трауматологија кој ќе биде пуштен на домашно лекување.

Според законот за безбедност и здравје при работа, сите патници што настрадале во автобуската несреќа кај Ласкарци, а кои биле во работен однос и патувале дома, потребно е од работодавачите да бидат пријавени во државниот инспекторат за труд како несреќа на работното место. Од македонското здружение за заштита при работа предупредуваат дека непостапувањето на овој начин е прекршување на законот и е предмет на прекршочна постапка./24 Вести

Слични содржини