Возачот на зелениот камион на мостот во Џенова: Гледав како сѐ се урива и паѓа во амбис

од desk2

Возачот на камионот кој успеа да закочи на неполн метар пред делот од мостот Моранди што се урна во Џенова, им кажал само на спасувачите за трауматичното искуство.

Воачот на зелениот камион застанат на работ на пропаста што стана симболична слика во изминатите 24 часа за Италија, беше идентификуван како 37-годишен татко со иницијали Ф.Л. кој се враќал од испорака на намирници долж ривиерата Поненте и требало преку мостот Моранди да се упати кон предградието Болзането.

„Гледав како сѐ пред мене се урива и возилата паѓаа во амбис“, им рекол тој на спасувачите откако видел како мостот Моранди исчезнува пред неговите очи. Во инцидентот загинаа 35 луѓе, а повредени се уште десетици.

Откако успеал да закочи на неполн метар од работ на мостот, тој скокнал од кабината на камионот и истрчал на побезбедно место. Човекот уште е во шок, но нема други повреди.

Џовани Д’Алесандро, директор на супермаркетот „Баско“ за кој мажот вршел испорака кога се случи несреќата, рече дека возачот сака да остане анонимен и дека не е во состојба да дава интервјуа.

Десетина повредени во инцидентот се примени во болница во тешка состојба, а тројца уште се водат за исчезнати.

Слични содржини