Вработена во хотел земала 84.000 евра за една година: Угостителите во оваа земја ќе мора да плаќаат данок на бакшишот

од Берта Китинска

Италијанскиот врховен суд одлучи дека и бакшишот треба да се оданочува, бидејќи станува збор за приход од работен однос и затоа подлежи на оданочување, пишува Јутарњи лист.

Врховниот суд на Италија ја прифати жалбата на Агенцијата за приходи против вработена во луксузен хотел на Сардинија, која заработила околу 84 илјади евра бакшиш за една година.При одлучувањето, судот се потпрел на постојниот член 51 од Законот за консолидиран данок на доход, со кој се воведе поимот сеопфатен приход на вработените, така што приходите повеќе не се ограничуваат на платата што ја обезбедува работодавачот.

Накратко, според сегашната дефиниција за приход од работа, оваа ставка ги вклучува сите суми и вредности воопшто, примени од која било причина, дури и во форма на донации, доколку се поврзани со работниот однос.

Меѓу угостителите завладеа паника. Тие им даваат на келнерите минимална плата, па дури и минимална саатница, сметајќи дека преку бакшиш ќе дојдат до некој прифатлив приход.

Како и да е, пандемијата предизвика да има недостаток на келнери. Угостителите стравуваат дека ќе биде уште потешко да ги најдат, или дека келнерите ќе инсистираат на пристојни плати, на кои работодавачите плаќаат повеќе даноци и придонеси. Угостителите тврдат дека државата, на крајот, ќе добие помалку, а не повеќе, пишува Јутарњи лист.

Слични содржини