Вработените на ЈСП и денеска не добија плата

од Vladimir Zorba

Вработените на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и денеска не добија плата.
Досега, според вработените во претпријатието, не се случило платата да доцни по 15-ти во месецот, кога е и законскиот рок за исплата.

Трите репрезентативни синдикати во ЈСП Скопје денеска оствариле средба со Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Како што соопштија по средбата, прашањето во однос на платите за вработените е решено, а наводно поради „технички прием“ се доцнело со исплата.

Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја поддржа Арсовска на неодамнешните локални избори, денеска посочи дека екс градоначалникот, Петре Шилегов не потпишал налози за да се исплатат плати на вработените во градските претпријатија.

– Вработените треба да бидат спокојни. Новото раководство на градот Скопје во најкраток можен рок ќе го разреши оставениот проблем од претходниците. Вработените во претпријатијата ќе можат да сметаат на целосна исплата на нивните плати и надоместоци, порача Андоновски.

Сепак до денеска, проблемот не е решен.

Бесплатен јавен превоз за сите скопјани и понуда на избор за жителите за еколошка алтернатива на нивните автомобили најави во својата кампања Арсовска.

Тврдеше дека ЈСП лошо работи поради „непродуктивни трошоци, непостоење на систем за брз и ефикасен превоз“.

„Кога имате брз и ефикасен бесплатен превоз, секој од нас наместо да користи автомобили ќе го користи овој превоз, а со тоа значително ќе се намали загадувањето“, вели Арсовска.

Таа најави и воведување на ноќни линии посебно во викенд и воведување на нови автобуски линии и нови постојки. Голем број од линиите ќе бидат и зачестени и проширени во својот дофат.

Арсовска пред неколку дена изјави и дека нема да го продолжи проектот Бас рапид транзит (БРТ) од нејзиниот претходник Петре Шилегов.

-Јас БРТ не ветив, јас ветив брз навремен и беплатен превоз и 250 автобуси, БРТ беше на претходниот градоначалник, кој што не беше избран, што би значело дека граѓаните не го одбраа овој проект. Јас ќе се фокусирам само за она за кое скопјани ми дале мандат, порача Арсовска.

Се надоврза на нејзиното ветување за слободен јавен превоз за сите граѓани.

-Луѓето планираат да се селат на Марс и патуваат до месечината, се е возможно, па така возможен е и бесплатниот градски превоз. Имено, станува збор за нешто што е имплементирано во други развиени земји, појасни таа барајќи да и се даде потребно време за реализација.

ЈСП Скопје има еден од најголемите буџети, но зависен е од државата и градот Скопје. Вкупните приходи во 2020 година му биле 1,6 милијарди денари, но 715 милиони од нив биле од градскиот буџет и од Министерството за образование. Лани ЈСП имало на располагање повеќе од 27 милиони евра.

Слични содржини