Вредноста на крипто-пазарот скокна 114 милијарди за 24 часа

од Vladimir Zorba

Цената на биткоинот минатата ноќ се зголеми близу 39.000 долари за прв пат од средината на јуни, бидејќи се зајакна расположението на пазарите со криптовалути по неодамнешната распродажба.

Најголемата дигитална валута во светот се тргуваше со околу 38.059,84 американски долари пред полноќ источно време, според „КоинДеск“, што е скок од скоро 11 проценти во споредба со 24 часа порано, и во еден момент за време на тргувањето дури достигна цена од 39.544,29 американски долари, највисоко ниво од 16 јуни.

Растот на биткоинот ги поттикна и другите криптовалути. Етереумот зајакна 5,9 проценти на над 2.299,55 долари, пренесе CNBC.

Целиот пазар на виртуелни пари забележа раст на вредноста од повеќе од 114 милијарди долари за само 24 часа, покажуваат податоците на порталот Coinmarketcap.com.

Закрепнувањето доаѓа по изјавите на водечките луѓе на некои светски компании на конференцијата „Б-свет“ што се одржа по неодамнешниот стрмен пад на биткоинот под нивото од 30 000 долари за паричка, предизвикана од глобална распродажба, што предизвика страв дека падот на најстарата криптовалута во светот може да оди уште подлабоко.

Извршниот директор на Тесла, Елон Маск, на настанот објави дека компанијата најверојатно ќе започне повторно да прифаќа биткоин за набавка на своите возила, благодарение на зголемената транзиција кон обновливи извори на енергија при ископувањето на таа дигитална паричка.

Претходно, во мај годинава, „Тесла“ ја суспендираше можноста за купување возила за биткоини поради, како што наведе, загриженост поврзана со „забрзаниот раст на употребата на фосилни горива“ во ископувањето на таа виртуелна валута.

Покрај тоа, оптимизмот на учесниците во тргувањето со дигитални пари го поттикна гигантот за електронска трговија „Амазон“, кој објави дека ќе го прошири својот тим со ангажирање експерти во дигитални валути и блокчејн, што сугерира дека може да ја испита можноста за плаќање со биткоин и други криптовалути.

Слични содржини