Вселенско летало на НАСА изврши успешно прелетување над Месечината (ФОТО)

од Stefanija Kuzmanovska

Вселенското летало Орион на НАСА стигна до Месечината во понеделникот, откако прелета 130 километри над површината на Месечината и сега ќе почне да влегува во поширока орбита. Капсулата, во која наместо посада има три кукли со сензори за мерење на вибрации, космичко зрачење и други услови во вселената, ѝ пријде на Месечината од нејзината „темна страна“, која не е видлива од Земјата.

Поради получасовниот прекин на комуникацијата, контролорите на летот во Хјустон не знаеле дали движењето на Орион поминало добро додека капсулата не се појавила на видливата страна на Месечината, на 375.000 километри од Земјата.

Откако сигналот беше повторно воспоставен и леталото излезе од другата страна на Месечината, беше испратена слика на Земјата, „мала бледо сина точка“ во темнината.

Видеото од Месечината и нашата бледо сина планета на повеќе од 370.000 километри ги остави без здив вработените во Вселенскиот центар Џонсон во Хјустон, центарот на контролата на мисијата, изјави директорот за контрола на летот Џад Фрилинг, велејќи дека самите контролори на летот биле „апсолутно воодушевени“ од она што го виделе.

Пробен лет вреден 4,1 милијарди долари

Орион мораше да лета околу Месечината за да добие доволно брзина за да влезе во широката овална орбита на Месечината. Доколку се оди според планот, во петок моторите ќе се активираат уште еднаш и капсулата ќе биде поставена во таа орбита.

Во понеделникот капсулата стигна до Месечината за првпат по програмата Аполо на НАСА пред 50 години.

Летот до Месечината е клучната точка на пробниот лет вреден 4,1 милијарди долари, кој започна минатата среда. Следниот викенд, Орион треба да го сруши рекордот на НАСА за далечина за вселенско летало дизајнирано за астронаути, што е оддалеченост од околу 400.000 километри од Земјата, поставено од Аполо 13 во 1970 година. Потоа ќе го продолжи својот лет до следниот понеделник да го достигне најголемото растојание од Земјата речиси 433.000 километри.

Слични содржини