Втор ден протести: „Доколку не вродат со плод, ВМРО-ДПМНЕ ќе иницира институционални блокади“

од Nikola Popovski

Втор ден од протестите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со блокади на три локации во Скопје и во 10 градови низ земјава, преку кои побара увид во документот од преговорите со Бугарија.

Лошото време не ги поколеба демонстрантите да ги блокираат раскрсниците кај градската болница „Св. Наум Охридски“, кај зградата на НИП „Нова Македонија“ и кај Трговскиот центар „Мавровка“.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски потенцираше дека СДСМ на нетранспарентен начин преговара во име на граѓаните, а тоа значи дека нешто се подготвува.

-Доколку ваквите блокади не вродат со плод и власта да има слух за барањата на граѓаните, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе иницира институционални блокади, се со цел власта да биде разумна и да ги слуша барањата на граѓаните, а не да владее самоволието кое што е се повеќе видливо, истакна Арсовски.

Пратеникот Антонио Милошоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ги организира блокадите поради, како што рече, „нетранспарентноста на власта и тајните преговори кој што двоецот Заев-Бучковски ги води со официјална Софија за сметка на интересите на Република Македонија, а поврзани со договорот за кој што Заев рече дека ги решил сите државни проблеми“.

Освен во Скопје, партијата организираше блокади и во Штип, Велес, Кочани, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Охрид, Битола и Кичево.

Слични содржини