Втор круг ДУИ и БЕСА во Тетово: Хоџа подготвен да се откаже од министерството ако Касами победи

од Берта Китинска

Алтернатива има мал број на гласови во Тетово, но доколку сакаат можат да гласаат за Арифи. Ако со тоа сакаат да влезат во Влада, ние од Беса, исто така немаме ништо против, вели членот на БЕСА и министер за земјоделство, Аријанит Хоџа во емисијата „Клик плус“.

Тој додава дека не му се лути на премиерот Зоран Заев поради неговата денешна изјава дека СДСМ нема да поддржи ниту еден кандидат во Тетово, туку граѓаните ќе гласаат по свое убедување.

-Спремен сум да се откажам од министерството само за да го добиеме Тетово, додава Хоџа.

Претседателот на БЕСА и кандидат на партијата за градоначалник во Тетово, Билал Касами за емисијата „Топ тема“ вели дека очекувам да победам во Тетово со 2:1 во вториот круг од изборите.Тој истакна дека ја очекува поддршката од сите граѓаните на градот, без разлика на партијата.

-Сите живеевме во град со ѓубре, опасност од кучиња, без пат и вода за пиење и тоа мораме да го промениме, рече Касами и додаде дека на централно ниво имаат стабилна владина коалиција.

-И понатаму ќе бидеме дел од Владата. Очекувам од СДСМ да ме поддржат во Тетово, вели меѓу другото Касами.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вели дека нема да им сугерира на партиските поддржувачи за кого да гласаат во вториот круг од локалните избори во Тетово, каде што останаа кандидатите на ДУИ (Теута Арифи) и на Беса (Биљал Касами).

Тој вели дека кога остануваат двајца кандидати од коалициските партнери оставаат партиските поддржувачи слободно да одлучат за кого ќе дадат глас. Посочи дека така ќе биде и во оние општини каде што за вториот изборен круг се останати кандидатите на СДСМ и на ДУИ.

-Што правиме во Долнени, Чашка или Арачиново? Таму во втор круг се СДСМ и ДУИ…Кога сме со двајца кандидати од коалициските партнери, нашите поддржувачи одлучуваат слободно. Уште во неделата вечер рековме дека никој од нас гласачите не ги носи во џебот, ниту имаме контрола врз нив. Ние може да ги привлечеме со нашите програми, со нашите кандидати и да ги повикаме на основа на вредност. Дури и нашите членови и активистите на СДСМ ќе добијат инструкции за слободно и по сопствено убедување да гласаат во Тетово, Желино… Нормално, ќе добијат задача да гласаат за СДСМ во Чашка, Арачиново и во Долнени, затоа што таму има кандидат СДСМ. Така што, ние може само на нашите членови да им дадеме инструкции, бидејќи тие се наши активисти и се определиле за оваа опција и во наше име тропнуваат на вратите кај граѓаните, но симпатизерите, нормално, сами си се определуваат за кого ќе гласаат, рече Заев.

Слични содржини