Втор сет мерки: 7.000 денари надомест за луѓето кои останеле без работа, помош за спортистите и уметниците

од Берта Китинска

Финансиска поддршка за претпријатијата од приватниот сектор за исплата на плати за своите вработени во висина од 14.500 денари за месеците април и мај, кратење на платите за сите избрани и именувани функционери на ниво на минимална плата и формирање на солидарен фонд во кој ќе се донираат средства за справување со кризата со коронавирусот, се дел мерките од вториот пакет што ги презентираше Владата за справување со последиците што ги предизвикува коронавирусот што беа донесени на вчерашната седница. За негова реализација, според проценките, потребни се околу 200 милиони евра.

Мерките не предвидуваат кратење на платите на вработените во јавниот сектор, туку само на платите на сите избрани и именувани функционери.

За април и мај ќе биде обезбедена минимална плата и за спортските работници, самостојните уметници и медиумските работници, а за оние работници кои останале без работа ќе им се исплати 50 проценти од висината на просечната плата. Дел од пакетот мерки се и субвенционирање на 50 проценти од придонесите, како и бескаматни кредити за компаниите обезбедени преку Развојната банка.

Се запира и Законот за извршување што значи дека извршителите не ќе можат да преземат никакви извршни дејствија, а се одлага и плаќањето закуп на корисниците на социјални станови, додека за закупот на фирмите ќе биде донесена посебна одлука.

Една од мерките е и тоа што вработените задолжително ќе мора да го искористат остатокот од стариот одмор заклучно со 31 мај, како и тоа дека се намалуваат авторските хонорари односно ќе се исплаќа 50 проценти помал хонорар од она што е потпишано во договорот освен во случаи кога авторскиот хонорар му е единствениот приход за граѓаните.

Премиерот Оливер Сапсовски, кој ги презентираше мерките во Владата, рече дека за секоја мерка ќе биде донесена посебна уредба во која детално ќе биде објаснето се. Апелираше до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и мерки што ги носи Владата бидејќи како што порача заедно сме посилни, отколку секој посебно.

Во врска со финансиска поддршка за компаниите од приватниот сектор за исплата на плати за вработените во висина на минимална лата од 14.500 денари за април и мај и 50 проценти субвенционирање на придонесите за плата, премиерот Спасовски на прес-конференцијата информира дека ќе биде отворена посебна владина програма за финансиска поддршка на работодавачите погодени од кризата.

– Со мерката се поддржува ликвидноста на работодавачите од приватниот сектор, односно се намалуваат нивните трошоци за плати во функција на заштита на работните места и на работниците во услови на криза, истакна Спасовски.

Со цел спроведување на мерката ќе биде отворена владина програма за поддршка на работодавачите погодени од кризата.

-Тие самостојно ќе ја исплатат платата преку алатката „месечна пресметка за интегрирана наплата“ на УЈП. Но, ќе треба да исполнат и неколку услови – да не исплаќаат дивиденди на сопствениците и бонуси, годишни и награди за деловна успешност на вработените и органите за управување и надзор, да имаат најмалку 30 отсто намалување на приходите од сеознскиот просек лани, како и за месецот за кој се бара поддршка просекот на највисоките нето плати на десет отсо до бројот на вработените да не надминува 120.000 денари месечно по вработен, објасни Спасовски.
Финансиската поддршка, напомена, не се однесува на вработените кои за декември 2019, јануари и февруари 2020 примиле нето плата повисока од 39.900 денари.

– Работодавачите што ќе добијат финансика поддршка имаат обврска истиот број вработени што го имале во време на аплицирањето да го задржат заклучно со септември 2020. Поддршката нема да ја враќаат работодавачите што искажале загуба за 2020 година. За останатите, враќањето е лимитирано до 50 отсто од добивката пред оданочување зголемена за оданочените расходи. За самостојните вршители на должност, односно сите занаетчии: автомеханичари, фризери, бербери, пекари и други да имаат пристап до оваа мерка, ќе биде донесена дополнителна уредба во деновите пред нас, подвлече премиерот.

Оваа мерка ги опфаќа и медиумските правни субјекти од приватниот сектор под истите услови.

Сите занаетчии, автомеханичари, фризери, бербери, пекари,… може да аплицираат за владината поддршка од вториот сет економски мерки.

Како што рече Спасовски, занаетчиите се опфатени преку мерката која се однесува на правните субјекти од приватниот сектор, но конкретно за нив ќе се регулира со посебни, дополнителни уредби кои ќе бидат донесени деновиве.

Од вториот сет економски мерки на Владата никој не е изземен, нагласи Спасовски, посебно не микро и малите фирми. Ќе се стори се – што повеќе луѓе да останат на работа. Најмногу ќе му се помогне на оној што има најмалку. За занаетчиите ќе се донесе посебна уредба.

Објаснувајќи ги мерките, Спасовски посочи дека дополнителни осум милиони евра се обезбедуваат преку Развојната банка за поддршка на микро, малите и средни претпријатија за обртни средства и околу 50 милиони евра за заштита на ликвидноста на претпријатијата.

-Развојната банка покрај 5,7 -те милиони евра ќе пушти и дополнителни осум милиони евра бескаматни кредити за микро, мали и средни претпријатија, што може да ги користат во зависност од бројот на вработените. Максималниот износ кој ќе биде одобрен не може да биде повисок од 5,535 милиони денари, односно 90 илјади евра, а минималниот понизок од 184.000 денари или три илјади евра, рече премиерот.

Кредитите ќе се одобруваат со рок на отплата до три години со грејс период од 12 месеци, а наменети се за обртни средства. Отплатата, како што рече премиерот, ќе се врши во квартални отплати. Кредитите се бескаматни и без административни трошоци, а ќе бидат обезбедени со меница авалирана од страна на еден од корисниците на кредитот во форма на нотарски акт со извршна клузула

Премиерот додаде дека околу 50 милини евра од Развојната банка на Северна Македонија ќе бидат пласирани преку комерцијални банки за заштита на ликвидност на компаниите.

Средствата, како што појасни, се обезбедуваат во рамки на тековниот договор што Развојната банка го има со Европската инвестициска банка, односно има можност да повлече не искористен дел од кредитната линија во износ од 50 милиони евра со ниска каматна стапка.

Развојната банка, средствата од оваа кредитна линија, наменета за поддршка на нови проекти, нови вработувања, зголемување на ликвидноста на стопанството и зголемен извоз, ги пласира преку деловните банки до крајните корисници, односно до малите и средни претпријатија и компании со средна пазарна капитализација.

Со оваа мерка, како што рече премиерот, Развојната банка ќе понуди каматна стапа од 0 проценти на деловните банки, кои ќе одат со пониски маргини и ќе можат да нудат кредити со камати од околу 1,5 проценти.

-Со цел надминување на проблемите од новонастанатата состојба со појава на коронавирусот, кој директно го погодува работењето на мали и средни претпријатија државата презема мерка со која ќе ја субвенционира каматната стапка на Развојната банка кон ЕИБ, како и админстративниот трошок од 0,5 проценти што Развојната банка ќе го пресметува кон деловните банки преку кои ќе се пласираат средствата, истакна Спасовски.

Меѓу донесените мерки денеска, премиерот потсети на Уредбата за олеснување на договорните услови на кредите од банките и штедилниците, со која банките на лесен и едноставен начин можат да ги одложат кредитите без потпишување анекси и одење на шалтер. Додаде дека оваа мерка веќе е во реализација и оти очекува да биде испочитувана.

Тој соопшти дека една од мерките се однесува и на намалување на ратата и репрограмирање на кредитите кај финансиските друштва и кај лизинг компаниите. Оваа мерка, како што рече, предвидува кај физичките лица да се репрограмираат кредитите со намалување на ратата во следните три месеци за 70 проценти од ратата и продолжување на рокот на отплата за најмалку 90 дена од доспевањето.Кај правните лица ќе се одлучува индивидуало со предлагање на најсоодветни поволности согласно со потребите на компаниите.

Нови договори за кредитете, согласно донесените мерки, е да се одобруваат со грејс период од три месеци, а затезната камата која изнесуваше 51 проценти, се намалува на 31, а останатите трошоци што ги наплаќаат се ограничуваат на 20 проценти од одобрениот кредит.

Вториот пакет мерки што денеска беше презентиран во Владата е донесен во консултација со членовите на Економскиот совет и низ разговари со деловната заедница преку стопанските комори, академската заедница и стопанственици од реалниот сектор.
Претседателот на државата Стево Пендаровски по вчерашната седница на Советот за безбедност кажа дека ќе бидат потребни серија на мерки и одговорни одлуки со цел да се намалат колку што може штетите по националната економија. За таа цел потребна е мобилизација на сите економски капацитети во државата и прибегнување кон најрадикалните мерки.

– Сведоци сме дека и најразвиените земји се соочуваат со крупен предизвик во овој сегмент. Во оваа смисла ни претстои тежок период во кој ќе бидат потребни серија на мерки и одговорни одлуки со цел да се намалат колку што може штетите по националната економија. За таа цел потребна е мобилизација на сите економски капацитети во државата и прибегнување кон најрадикалните мерки само во крајна нужда и со определен временски рок, кажа шефот на државата.

Реакции и критики за вториот пакет мерки за стопанството за последиците од пандемијата со коронавирусот

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) по објавувањето на вториот сет владини мерки го поздрави ставот на Владата да нема намалување на платите на вработените во јавниот и приватниот сектор.

Слични содржини