ВУЧИЌ БИРА МЕЃУ ЗАПАД И РУСИЈА: „Санкциите значат дека Србија влегува во ЕУ и не може да биде политички неутрална“

од Nikola Popovski

Српскиот претседатеел Александар Вучиќ вчера на тензичната седница во тамошното Собрание, посветена на косовското прашање и европскиот предлог, изјави дека Белград можеби ќе мора во одреден момент да воведе санкции кон Русија поради ситуацијата во Украина. „Не знам колку долго ќе издржиме без воведување санкции. Нема се додека не би морале. Нашата земја веќе плаќа висока цена што не воведува санкции“, изјавил Вучиќ. Тој изјави дека веднаш ставил до знаење дека ништо не му се допаѓа во предлогот на Европската унија поврзан со решението на косовскиот проблем.

Саша Богдановиќ

Што понатаму за Вучиќ и Србија е главното прашање после ваквиот став. Дали српскиот претседател ќе мора да го погази својот збор и тврд став во однос на односите со Москва? Поранешниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ во разговор за „Локално“ вели дека Србија е доведена во незавидна ситуација.

-Слушајќи ги изјавите на претседателот на Република Србија и претставници на владата на Србија, веќе подолго време се бара од Србија да се усклади со политиката на ЕУ и западниот свет. Сега засега Република Србија е единствена држава која не вовела санкции кон руската федерација. Воведувањето на било какви санции би значело дека Србија е доведена во ќош и дека мора да реагира се со цел да го одржи своето функционирање и затоа треба да има разбирање. Србија се бори да го зачува неутралниот статус но, секогаш размислува објективно. Евентуални санкции би значеле дека Србија прави нешто со што не би го загрозила својот опстанок, смета Богдановиќ.

Според него, Србија веќе докажа дека досега знаела добро да се справи со предизвиците.

-Верувам дека и во наредниот период раководството ќе носи државнички и мудри одлуки, посочува соговорникот.

Богдановиќ одговара на прашањето и како би реагирала официјална Москва на најавите за санкции.

-По се што гледам дека Русија и Србија имаат добри односи и разбирања за многу клучни прашања, и по се што гледам тоа така и ќе остане. Србија го почитува територијалниот интегритет на Украина но и ги зачувува и своите традиционални односи со Русија. Србија се води пред се од сопствените интереси, посочува Богдановиќ.

Сепак смета дека тешко ќе дојде до брза интеграција на Србија во ЕУ.

-Тешко дека ќе има брза интеграција во ЕУ, посебно сега кога има тектонски пореметувања во светската геополитика. Затоа никој не може да гарантира направете го ова и за толку време ќе бидете дел од ЕУ, дециден е Богдановиќ.

Милутин Миша Илиќ

Српскиот независен новинар и аналитичар Милутин Миша Илиќ пак во разговор за „Локално“ вели дека неутралноста на земјите како Австрија или Швајцарија станува многу дискутабилна.

-Што да кажеме за Србија? Русија треба со златни букви да го пишува секој ден што Србија го издржува без воведување санкции. Реалноста е дека Србија влегува во ЕУ и не може да биде политички неутрална. Воено може, порачува Илиќ.

Тој смета дека Русија ја разбира ситуацијата во која се наоѓа Србија.

-Несомнено, последователните барања на ЕУ и САД до Србија го стеснуваат просторот за маневрирање на Србија и бараат јасна политичка усогласеност, но од друга страна, Русија ќе го сфати притисокот врз Србија како тест за авторитет и може да реагира надвор од вообичаените рамки, оценува аналитичарот.

Смета дека Србија забрзано ќе се придвижи кон ЕУ.

-Јас сум повеќе склон да верувам дека Србија ќе ја забрза интеграцијата во ЕУ и, со поддршка на САД, ќе ја подобри својата меѓународна позиција. Оттука и просперитетот на регионот, вели соговорникот.

Додава дека санкциите кон Русија може да доведат до зголемување на цената на енергенсите од Русија, од кои зависи Србија.

-Сепак да не заборавиме на успешниот самит на ЕУ плус Западен Балкан во Тирана за време на чешкото претседателство со ЕУ, каде што планот за поддршка воспоставена е енергетската диверзификација на Западен Балкан, која Србија забрзано ја спроведува, ни рече Илиќ.

Н.П.

Слични содржини