Вучиќ: Нема признавање на Косово и нема предавање

од Nikola Popovski

Српскиот претседател Александар Вучиќ во петокот вечерта на разговор со преговарачите на ЕУ во Белград шорачал дека нема да има признавање на Косово, пренесува агенцијата Танјуг.

„Нема да има дискусија за иднината на Србија, нема да има ниту признавање на Косово! Во моментов разговарам со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак и со советниците за надворешна и безбедносна политика на Франција и Германија, Емануел Боне и Јенс Плетнер. Нема предавање! Да живее Србија“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Вучиќ истакна дека е „секогаш подготвен за компромисни решенија“ во согласност со, како што рече, Уставот на Србија и резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

Пред пристигнувањето во Белград, претставниците на ЕУ, Франција и Германија се сретнаа во Приштина со премиерот на Косово, Албин Курти.

Портпаролот на Европската комисија Петер Стано претходно изјави дека целта на посетата е да се испитаат опциите за напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон во заедничкото писмо упатено до Курти и Вучиќ објавија дека ги ангажирале нивните советници Плетнер и Боне да го поддржат дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Во писмото двајцата лидери ги повикуваат Вучиќ и Курти да го продолжат дијалогот и да покажат подготвеност да донесат тешки одлуки во одлучувачки момент за безбедноста во Европа и стабилноста во регионот.

Слични содржини