Вучиќ: Од 1 јануари 2023 година нема да има граници меѓу нашите земји

од Nikola Popovski

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека иницијативата „мини Шенген“ покажува дека минатото може да се остави и да се погледне во иднината, како и дека за пет или шест години три земји – Албанија, Србија и Северна Македонија може да биде развојна машинерија на овој дел од Европа.

Ова не е насочено против никого, освен за светата и единствена цел, граѓаните да живеат подобро, рече Вучиќ на економскиот форум на трите земји во Скопје.

Тој додаде дека секогаш ќе има такви што се против таа иницијатива, кои само гледаат како да постигнат резултат на следните избори и дека иницијативата „мини шенген“ нема да им се допадне на некои во светот, „затоа што тој волан не е во нивни раце “.

„Ако ги надминеме слабостите на администрацијата, на 1 јануари 2023 година, нема да има граница меѓу нашите земји. Од Белград до Тирана, никој нема да ве застане“, објасни Вучиќ.

Тој истакна дека, кога станува збор за организиран криминал, полицијата на трите земји знае кој се справува со него и ќе реагираат заедно.

„Ќе тргнеме во конкретни иницијативи за да обезбедиме придобивки за граѓаните од сите три земји, од попусти за билети за воз, патарини, до попусти во рестораните“, рече Вучиќ.

Тој побара од бизнисмените да и помогнат на иницијативата, да извршат притисок врз нивните стопански комори, со цел да соработуваат повеќе и подобро.

„Идејата за отворање на границите е историска. Време е да ги преземеме работите во наши раце и да ја одредиме нашата судбина и иднина “, заклучи Вучиќ.

Слични содржини