Вучиќ: Одлуката за регионална соработка е историска, очекувам раст на странските инвестиции во регионот

од Hristina Nikolovska

Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово изјави дека со С. Македонија и Албанија се договорени навистина големи работи кои значително ќе го унапредат инвестицискиот амбиент и нагласи дека тој и премиерите Заев и Рама одлучиле „да го туркаат“ напред она што е добро за граѓаните, како што вели, без оглед на притисоците. – пренесува Танјуг.

За РТС Вучиќ вели дека поради квалитетот и важноста на одлуките кои ги донеле заедно со двајцата премиери очекуваат напади од разни страни, но дека не се плаши од притисоците.

На прашањето како ги коментира критиките на сметка на иницијативата за регионална соработка, дека ја оценуваат како економски добра, но политички неодржлива поради затегнатите односи меѓу Белград и Приштина и останатите, Вучиќ вели:

– Не очекувам проблеми меѓу Белград и Приштина, иако знам дека Рама ќе биде изложен на жестоки притисоци. И тоа нема да се прави радикално бидејќи не е лесно ова да го напаѓате.“

Српскиот претседател рече дека трите земји ова го прават во рамки на она што беше поставено на Берлинската конференција, да ги почитуваат правилата на ЕУ, но овој пат тоа да го прават самостојно.

За постигнатиот договор Вучиќ вели дека го нарекле „унапредена регионална соработка“, а не „мал шенген“ затоа што Европјаните, како што вели, се алергични на спомнување на шенген како нивен географски поим.

„Во Охрид на два состаноци донесовме повеќе одлуки отколку во последните 7 години од воспоставувањето на механизми на регионална соработка.“ – дециден е Вучиќ, додавајќи дека поради сето ова очекува раст на странските директни инвестиции во регионот и токму затоа оваа идеја ја смета за историска.
Вучиќ за РТС изјави дека „ова се тектонски промени кои ќе влијаат на привлекувањето странски директни инвестиции затоа што инвеститорите сакаат стабилност и голем пазар.“

Како што информираа од Владата на РСМ во основата на декларацијата се соработката, заедничкиот ангажман и елиминирањето на сите препреки за слободно движење на луѓе, добра, услуги и капитал, како придонес за граѓаните од сите земји од регионот во остварување на заедничката крајна цел- полноправното членство во ЕУ.

Трилатералната средба во Охрид продолжува и денес, а на неа учествуваат претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора Драгица Секулиќ.

Слични содржини