Вучиќ: Подготвени сме да го понудиме Белград како место за преговори меѓу Русија и Украина

од Nikola Popovski

Доколку некој мисли дека Белград е најдоброто место за преговори, Србија е подготвена да го понуди тоа на руските и украинските пријатели, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ.

Вучиќ ја коментираше денешната изјава на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека преговорите со Украина може да се водат во Белград, како и дека освен во Истанбул, каде веќе е договорена средба, тие се подготвени да разгледаат и други локации за преговори, вклучително и Белград.

Вучиќ потсети дека главниот град на Србија веќе бил место за преговори, како за војната во Украина во 2014 година, така и за разговорите со талибанците.

„Во Белград никој не ни знаеше каде беше и како беше. Сите беа задоволни“, рече тој, објаснувајќи дека такви информации никогаш не смеат да протекуваат.

Вучиќ рече дека Србија нема да се меша во ништо и дека најмногу би сакале мирот да дојде што е можно поскоро.

„Тоа би била најдобрата вест во светот. Ако некој мисли дека Белград е најдоброто место, ние сме подготвени да им го понудиме Белград на руските и украинските пријатели“, додаде српскиот претседател.

Слични содржини