Вучиќ: Просечните плати во Србија до 2025 година ќе изнесуваат 900 евра

од Aleksandar Todeski

Претседателот на соседна Србија, Александар Вучиќ денеска истакна дека со имплементација на програмата за инвестиции „Србија 2025“, просечната плата до крајот на 2025 година ќе изнесува 900 евра, а пензиите помеѓу 430 и 440 евра.

Како што пишуваат српските медиуми, тој заедно со премиерката Ана Брнабиќ додаде дека до 2025 година, Србија ќе одржува стабилен курс на еврото, кој ќе остане меѓу 117 и 120 динари за евро, колку што изнесува од 2012 година.

Според Вучиќ, планот е изводлив со раст на бруто домашниот производ (БДП) на Србија од четири проценти, што претставува конзервативно толкување на проекцијата за раст. Тој кажа дека Светската банка посочила дека е можно Србија да постигне раст на БДП и до седум проценти.

„Наша цел пред сè е луѓето во Србија да живеат подобро. Ќе работиме драматично да го намалиме процентот на млади што ја напуштаат земјата. Сето ова го правиме за да имаме иднина“, рече Вучиќ.

Вучиќ најави дека буџетот на Србија во 2024 година ќе изнесува 14 милијарди, а буџетот за 2025 година ќе вреди 17 милијарди евра.

Слични содржини