Вучиќ во Брисел: Србија не направила никаква провокација или инцидент

од Берта Китинска

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска во Брисел дека улогата на КФОР и НАТО на Косово е важна за Србија и дека ќе продолжи да го почитува мандатот на КФОР.

„Ние ќе продолжиме да го почитуваме мандатот на КФОР во согласност со меѓународните јавни правни норми прогласени од ОН. Веруваме дека Србија секогаш ќе може да го најде разбирањето и желбата на (Јенс) Столтенберг, КФОР и НАТО да обезбедат мир и стабилност“, рече Вучиќ по разговорот со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

На заедничката прес-конференција со Столтенберг, Вучиќ рече дека ставот на Србија е да се придржува до „јавното меѓународно право, резолуцијата на ОН, Повелбата на ОН, Бриселскиот договор“ и „сето она што е потпишано“.

Тој рече дека со Столтенберг разговарал за ситуацијата и инцидентите на северот на Косово. Тој му се заблагодари на генералниот секретар на НАТО што сакал да го слушне ставот на Србија и додаде дека мирот и стабилноста се од клучно значење за Србија.

Вучиќ рече дека мисли оти Србија не направила никаква провокација или инцидент.

Тој наведе дека доставил „список со упади на специјалните приштински единици на северот“ на Косово, за што изјавил дека „требале да имаат дозвола и согласност од четворицата градоначалници и НАТО, но никогаш не го направиле“.

Вучиќ додаде дека доставил и список со „сите инциденти и напади врз српското население“.

Во однос на односите меѓу Србија и НАТО алијансата, Вучиќ рече дека на Столтенберг му посочил дека Србија е воено неутрална земја и дека нема да донесе одлука во таа смисла, но додаде дека Србија сака да ја зајакне соработката со КФОР и НАТО.

Слични содржини