Вучиќ за босански медиум: Не сакаме поделби, ниту дел од територијата на БиХ

од Nikola Popovski

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјавил дека неговата намера не е поделба на БиХ, дека никој нема да ги напаѓа Бошњаците и дека интересот на Србија е мир и стабилност, одговарајќи на прашањето на сараевскиот новинар Сенад Хаџифејзовиќ дали Србија треба да добие ентитет во БиХ.

На самиот почеток на интервјуто за сараевската „Фејс ТВ“, Хаџифејзовиќ рекол дека е вознемирен од изјавата на Вучиќ што ја дал за време на неодамнешната воена вежба на Пасуjански ливади дека Србија треба да добие нешто, па го прашал: Што е тоа што Србија треба да го добие?

„Србија треба да добие фер решение за многу прашања. Не можете да постигнете мир на Балканот со понижување некого, особено на најсилниот народ по број во регионот. Јас секогаш се залагав, не за замрзнат конфликт со Приштина, туку за решенија. Јас секогаш ги штитев интересите на српскиот народ, но исто така се обидував да ги разберам интересите на другите народи“, изјавил Вучиќ.

„Немате причина да стравувате од ништо, Сенад, спиј мирно, интересот на Србија е мир и стабилност, не треба да се плашиш од ништо! Никој не а ги напаѓа Бошњаците, не грижи се! Не сакаме поделба на БиХ, не ни треба територијата на БиХ, потребни ни се луѓе за да живееме подобро со нив“, додал српскиот претседател.

На прашањето дали Србија треба да добие ентитет во БиХ „именуван по неговиот народ“, Вучиќ потенцирал дека тоа никогаш не му паднало на памет.

„Србија го поддржува интегритетот на БиХ. Имате поделени надлежности помеѓу Република Српска, Федерацијата БиХ и централната влада. Тоа се ваши работи“, истакнал Вучиќ.

Слични содржини