Вучиќ од Москва: „Дадениот збор мора да се исполни, дури и кога е најтешко“

од Љубиша Владимиров
117 прегледи

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека му претстојат исклучително важни разговори со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг, потенцирајќи дека за него тоа е „бессона ноќ“ исполнета со одговорност.

Претходно, Вучиќ му врачи орден на Патријархот Кирил во Москва, нагласувајќи дека добил убави зборови од рускиот поглавар за соработката со Српската православна црква и со државата Србија. Тој воедно му ги пренел поздравите од српскиот патријарх Порфириј.

„Голема чест за мене лично. Слушнав убави зборови од Патријархот Кирил. За половина час ме очекува средба со мојот пријател, претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев“, изјави Вучиќ во обраќање во живо од Москва.

Средбата со Токаев, како што најави, ќе се фокусира на развој на соработката во одбранбената и хотелската индустрија, како и на воспоставување директна авио линија меѓу Астана и Белград.

Во контекст на геополитичките тензии и критиките од ЕУ поради неговата посета на Москва, Вучиќ истакна дека нема да молчи:
„Ако некој мислеше дека ќе молчам, како што молчеа некои лидери на последниот самит на Европската политичка заедница, греши. Мојот одговор ќе биде сериозен, одговорен и однапред подготвен. Ќе кажам сè што мислам за политичкиот однос на ЕУ кон Србија“, рече тој.

Претседателот нагласи дека за него личната одговорност е поважна од личниот комфор:
„Кога сте му дале збор на некого, тоа е обврска што мора да се исполни, особено кога е тешко. Човекот се држи за зборот, исто како што бикот се држи за роговите.“

Вучиќ додаде дека Србија ќе продолжи по својот независен пат – и европски и глобален – и дека доколку некој треба да плати политичка цена за тоа, тој ќе биде лично подготвен.
„Ако треба некој да ја плати цената, тоа ќе бидам јас, а не Србија“, нагласи претседателот.

Во завршницата на обраќањето, Вучиќ изрази надеж дека словачкиот премиер Роберт Фицо ќе се појави во Москва на одбележувањето на Денот на победата.
„Би ми било полесно ако не сум единствениот европски претседател што ќе биде таму. Но, дури и да сум – сум горд“, рече Вучиќ.

Слични содржини