Вжештена атмосфера и викотници на изборите во пензионерските здруженија

од Vladimir Zorba

Изборите во општинските здруженија на пензионерите и оваа година, слично како и во изминатите циклуси предизвикаа бура од незадоволство кај најголем дел од оваа популација.

Незадоволните обвинуваат дека речиси секаде процесот се одвивал во вжештена атмосфера, со викотници, а некаде и со полициско присуство. Обвинуваат и дека таму кадешто изборите се веќе завршени, избрани се истите раководства, односно лица на кои ова им е трет, најчесто четврт , а некаде и петти  мандат.

Принципот е секаде ист, велат  дел од нив за „Локално“: За состаноците  на кои треба да се избира новото раководство не се известуваат  сите пензионери, туку само нивните блиски кои повторно треба да гласаат во полза на претходниот лидер.

Една иста група  од најмногу 6-7 лица кои се  водени пред се од материјален интерес долго време останувааат на своите позиции. Не постои начин некој друг влезе во тој круг и да преземе одредена функција. Така се создава системска проекција на конкретно однесување поради што се создава објективен впечаток дека едни исти луѓе со години не ги напуштаат позициите“, вели за „Локално“, професорот Илија Ацевски кој и самиот имал можност одблиску да ги согледа работите.

Истиот начин на избор, според Ристо Волчевски, активист од здружението на пензионери- Бутел, се случил и во ова здружение пред неколку дена. Избран бил старо- нов претседател на кој ова му е четврти мандат, односно на оваа функција е од 2011 година.

За време на седницата во Здружението, претседателот заедно со членовите од Собранието  и Извршниот одбор држеа седница зад заклучени врати. Надвор имаше околу 50 лица . Баравме да пуштат двајца-тројца од нас за да видиме што се случува бидејќи дури и немавме увид во тоа што е предмет на состанокот. Тропавме на вратата, но не сакаа да ни отворат. Дојде полиција, но претседателот излезе само да каже дека денеска никој не може да влезе, а утре тој самиот се ќе објасни“, изјави Волчевски за „Локално“.

Според незадоволните пензионери, проблемот е системски, односно се должи на фактот што не постои прецизно правило за ограничување на мандатот , односно не е јасно колку пати може едно исто лице да биде избрано за претседател на здружение на пензионери.

Оттука, тие ја предочуваат потребата од враќање на решението од претходниот систем кога мандатот на раководствата на пензионерските здруженија траеше две години без можност за повторен реизбор.

Така би се избрале претседатели на здруженија но и на Сојузот на здруженија  кои не би тргнувале само од своите материјални интереси, туку би биле насочени кон тоа да осмислат начин на кој пензионерите што попродуктивно би го поминувале своето време. Она што сега го гледаме  се незначајни, мали активности, понекоја екскурзија..“, вели Ацевски.

Оттука според нив, вистинската  причина  за ваквите недозволени  случувања  е начинот на  финансирање на  пензионерското делување бидејќи како што објаснуваат финансирањето не е врз основа на проекти и квалитетно делување,  туку средствата по автоматизам  се  слеваат секој  месец  од секој  пензионер. Со  овие  средства велат тие,   располагаат и за нив  одлучуваат  едвај   1% од  пензионерската популација. За овие нерегуланости, особено за настаните во здружението на пензионери- Бутел, група активисти реализирале средба со претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија- Станка Трајкова но таа им рекла дека не е надлежна.

Ова е целосно апсурдно. Се прашуваме како може да не е надлежна како претседател, како некој кој според дефиниција треба да изврши контрола и да спречи незаконитост во работењето“, прашува Волчевски.

За сите наводи и обвинувања кои ги изнесоа дел од пензионерите, „Локално“ побара одговор од Сојузот на пензионерски здруженија, но на испратените прашања до денеска не добивме одговор.

К.В.С.

 

Слични содржини