Wuling Bingo – електричен Кинез кој ќе чини само 13.500 евра (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Целосно електричниот модел од Б-сегментот наскоро доаѓа на кинескиот пазар, а ќе биде достапен по многу прифатлива цена. Дали ќе стигне до Европа?

Кинескиот Wuling, кој љубителите на електрични автомобили веројатно го знаат по многу успешниот модел Hongguang mini EV, сега претставува симпатичен градски автомобил кој исто така ќе бара успех по прифатлива цена. Имено, тој ќе изнесува само 13.500 евра за основната верзија.

Тоа е евтино малечко возило што може да собере до четири патници и ќе се појави на локалниот кинески пазар кон крајот на февруари или почетокот на март 2023 година. Wuling Bingo е долг 3990 mm, широк 1695 mm и висок 1590 mm. Истовремено, има маса помала од 1000 kg, што обезбедува умереност во потрошувачката на електрична енергија.

Ќе биде достапен во верзија со електричен мотор од 30 kW (41 КС) во комбинација со литиум-јонска батерија од 17,4 kWh или со електричен мотор кој развива 50 kW (68 КС) и е опремен со литиум-јонска батерија од 31,9 kWh.

Послабиот модел има домет од 150 km (WLTP), додека помоќниот модел може да помине до 250 km со едно полнење.

Максималната брзина на двете верзии е ограничена на 100 km/h, а значително се разликуваат по цена. Првиот ќе чини 13.500 евра, а вториот 21.000 евра.

Засега не се знае дали Bingo ќе стигне на европскиот пазар, но јасно е дека со доаѓањето на кинеските брендови на Стариот континент, секако можеме да очекуваме многу интересни модели.

Слични содржини