Зајкова: САД носи засилување, борбата против корупцијата треба да ја водат и граѓаните

од Nikola Popovski

Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова ја поздравува одлуката за испраќање специјален тим од САД кој што ќе помогне на македонските институции во откривање на корупција меѓу бивши и сегашни функционери. Според неа, правдата во Македонија има потреба од повеќе истраги, постапки за да покажат дека никој не е над законот.

Зајкова порача дека амбасадорката на САД Анџела Агелер има искуство со Македонија и веројатно гледа дека правосудниот систем се уште не е променет и покрај бројните забелешки.

-ЛДП нема да дозволи неказнивост на поединци, политички и економски недопирливи моќници, кои се богателе на грбот на државата и граѓаните. Секоја одговорност мора да има име и презиме. Борбата против корупцијата е во фокусот на меѓународната заедница, САД носи засилување, а тоа е најдобриот начин да ги надминеме незадоволството и разочарувањето, особено меѓу младите од селективната правда и нееднаквите можности за сите. Правдата во Македонија има потреба од повеќе објективни и ефикасни постапки кои ќе покажат дека никој не е над законот. Промени мора да има. Борбата против корупцијата треба да ја водат и граѓаните и институциите, истакна Зајкова.

Иако, претседателката на ЛДП вели дека борбата со корупцијата не е лесен процес, нагласува дека нејзината партија ќе биде најгласниот протагонист во власта за ефикасно справување со корупцијата и стимул во обезбедувањето на стабилност и економски развој.

Слични содржини