За 2 месеци „Шарена револуција“ имаше 13 повредени полицајци, за изминативе 9 дена протести има повредено 54, вели Спасовски

од Vladimir Zorba

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека на протестите за девет дена од протестите имало повредено 54 полициски службеници, од кои како што наведе, 11 беа потешко, девет имале потешки повреди, двајца посериозни повреди и биле хоспитализирани.

Спасовски апелираше до граѓаните достоинствено да се однесуваат кон државата, кон полициските службеници кои го чуваат редот, безбедноста и спокојството. Укажувајќи дека безбедноста не е нешто имагинарно, дека ја чуствуваат граѓаните за сето она што се случува во државата, прослави, настани, во сообраќајот итн., тој уште еднаш повика да не се напаѓаат службениците кои го чуваат Уставот, мирот, стабилноста на граѓаните.

– Ме прашавте за споредба да направиме во делот на „Шарената револуција“. Знаете дека 2015 година таа „Шарена револуција“ траеше некаде околу два месеци. Тогаш имавме вкупно повредени 13 полициски службеници со полесни повреди. Така што, апсолутно не е добро ниту еден повреден полициски службеник. Затоа е важно да политичките субјекти, организаторите на овие протести се однесуваат одговорно и своите политички цели да ги остваруваат преку демократски и политички механизми коишто стојат на располагање, рече Спасовски.

Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека во државата има хибридни напади, меѓу нив и ширење лажни вести, пропаганда.

– Јас дадов изјава во којашто кажав и денеска потврдувам дека постојат многу хибридни напади врз Северна Македонија и посебно во моменти кога се одлучува за иднината на оваа држава. Тие хибридни напади, еден од механизмите е и ширењето на лажните вести, ширењето на пропагандата, пред сè во креирањето на јавното мислење. Така што, сакам секој еден да ги тргне рацете од Северна Македонија. Ние сме тие коишто треба да одлучуваме самостојно за нашата иднина и за нашата судбина. Така што кој било, дали се тоа руски претставници, дали се било какви претставници, тие треба да си ја гледаат својата работа. Секако дека нашите служби активно работат, соработуваат, разменуваат информации, се со цел да се зачува целосно безбедноста на нашата земја, изјави Спасовски

Слични содржини