За 70 евра продавале негативни ПЦР-тестови: Скандал во земја со 700.000 заразени

од Nikola Popovski

Работниците во здравствен центар во Чиле се соочуваат со кривични пријави, откако било откриено дека продаваат негативни ПЦР-тестови, без претходно земен брис.

Лабораторијата наплаќала околу 70 евра за спорните тестови, а купувачите биле претежно туристи кои патувале во земји, кои бараат негативен ПЦР-тест за влез во нив. Лабораторијата ги нудела тестовите во рок од еден час, пишува шпанска „Ла Вангардија“.

Здравствениот дом е специјализиран за услуги за стари лица, а градоначалникот на местото каде што се наоѓа центарот присуствуваше на затворањето на објектот. Тој го опиша чинот на продажба на негативни тестови како „сериозно кривично дело против јавното здравство“.

Од друга страна, министерот за здравство на Чиле, Енрике Париз, ги нарече процедурите во лабораторијата „крајно сериозни“.

„Не знам која е целта, да се заработат пари најверојатно, но ширењето на вирусот на овој начин е за многу сериозна санкција“, изјавил чилеанскиот министер за здравство.

Веста ги фати жителите на таа земја среде вториот бран на пандемијата. Чиле има 19 милиони жители и скоро 700 000 заразени.

Слични содржини