За денеска закажано ново рочиште за „Плацевите на Водно“

од Берта Китинска

Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да продолжи судењето за случајот „Плацеви на Водно“.

Според обвинението, екс премиерот во бегство Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.

-Груевски беше премиер повеќе од 10 години. Во целиот овој период тој негуваше статус на лице кое е безимотно, нема возило, има заштеда од плата и живее во станот на мајка си.Ќе ги изведам сите материјални докази со кои судот ќе се убеди дека Груевски купил плац од 2700 м2, веднаш до резиденцијата на Вилма Трајковска. Таму требало да никне барокна куќа. Плацот бил купен со пари – поклон од сведок на јавното наддавање во Мин за транспорт за 100.000 евра. Груевски обезбедил и два плаца во Крушево, имот кој бил негов, но не го пријавил во анкетниот лист, рече Обвинителката Лиле  Стефанова  во воведниот говор од минатото рочиште.

Стефанова нагласи дека Груевски има имот што го стекнувал за време на мандатот, но го запишувал на други имиња.

За одбраната ваквото обвинение е апсурдно. Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека тоа нема ниту правна ниту човечка логика. Според адвокатот Еленко Миланов, Камчев не може да биде обвинет за перење пари затоа што, меѓу другото не се исполнети законските претпоставки.

Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.

Слични содржини