За колку време електричните автомобили ќе ја освојат Европа?

од desk2

Бројот на модели на електрични автомобили достапни за потрошувачите во Европа се очекува тројно да се зголеми до 2021 година, според проценките на Европската федерација за транспорт и животна средина.

Моментално продажбата на нови електрични возила бележи застој по првичниот моментум, најмногу поради недоволната инфраструктура за полнење и високите цени.

Најновите податоци покажуваат дека автопроизводителите ќе понудат 214 модели на електрични автомобили во 2021 година, што е згоелмување од 60-те модели што беа достапни на крајот на 2018 година.

Подостапните опции можеби ќе ги поттикнат потрошувачите да се префрлат од дизел и бензин побрзо отколку што се очекуваше.

Анализите на Европската федерација за транспорт и животна средина заснована на податоци од истражувачката фирма IHS Markit, покажуваат дека производителите сега се подготвени да ја прифатат електрификацијата.

Се очекува во 2021 да има 92 целосно електрични и 118 хибридни модели на европскиот пазар.

Норвешка е прва во светот по број на продадени електрични автомобили

Ако се одржува овој тренд, можно е до 2025 година 22% од произведените возила да бидат електрични, што ќе им помогне на автопроизводителите да ја остварат целта поставена од ЕУ за намалување на испуштањето на јаглерод диоксид на 95г/км до 2025.

Најголемите фабрики за производство на електрични автомобили ќе бидат во Германија, Франција, Шпанија и Италија, покажуваат најновите податоци. Потврдено е дека до 2023 година низ Европа ќе бидат почнати со работа 16 големи фабрики за производство на литиум-јонски батерии.

Дури и луксузните автомобилски брендови го прифатија трендот. Неделава брендот Lotus, што е во сопственост на кинески Geely, го покажа електричниот хиперавтомобил Evija што има брзина од 322 км/ч и чини 2 милиони фунти.

Во март годинава, Automobili Pininfarina го лансираше Battista, хиперавтомобил во истата ценовна група.

Пораката на овие производители е дека електричните модели може да бидат подеднакво гламурозни и возбудливи, а не само еколошки оправдани.

Слични содржини