За овој вирус НЕМА ЛЕК! Инкубацијата трае до 45 дена, а симптомите се како кај КОРОНА

од Stefanija Kuzmanovska

Во услови на пандемија на коронавирус кој зарази скоро 100 милиони луѓе ширум светот, Азија најверојатно наскоро би можела да се соочи со нов, многу поопасен вирус со многу поголема стапка на смртност.

Според iflscience.com, станува збор за Нипа вирус, за кој исто така предупреди и СЗО. Нипа вирусот е РНК вирус кој, како САРС-КоВ-2, потекнува од лилјаци и веќе предизвика многу локални епидемии низ Малезија, Сингапур, Индија и Северна Австралија во последните 20 години.

Научниците сега предупредуваат дека овој вирус има потенцијал да загрози многу животи ако човештвото не ги примени лекциите што ги научивме од пандемијата на новиот коронавирус.

Нипа вирусот првпат беше препознаен во 1999 година, откако предизвика епидемија во Малезија. За време на таа епидемија, забележани се 265 случаи на акутен енцефалитис, а сè започна на една фарма за свињи.

Првично се веруваше дека станува збор за епидемија на јапонски енцефалитис, но наскоро се утврди дека сето тоа е предизвикано од Нипа вирусот. Оттогаш, скоро секоја година се јавуваат мали епидемии ширум светот, со стапка на смртност од околу 75% секој пат.

Толку високата стапка на смртност досега ги натера научниците да веруваат дека нема да има пандемија затоа што, според правилата, болестите со ниска стапка на смртност прераснуваат во пандемии, бидејќи само тие имаат потенцијал да се шират брзо и ефикасно.

Меѓутоа, Нипа вирусот е различен од сите други вируси: Иако симптомите обично се појавуваат 4-14 дена по инфекцијата, понекогаш вирусот може да се инкубира до 45 дена, предупредува СЗО, што значи дека вирусот има многу долго време да се шири.

Симптоми на Нипа вирусот

Кога периодот на инкубација е завршен, се појавуваат симптоми кои главно вклучуваат треска, главоболка и повраќање. Сè потсетува на грип, проследено со вртоглавица, невролошки симптоми и конечно акутен енцефалитис.

Нема конкретен лек за овој вирус, но се користат разни антивирусни лекови и третмани за да се олесни состојбата на пациентот. Преживеаните генерално имаат доживотни проблеми кои вклучуваат целосна промена на личноста и карактерот, како и напади како епилепсија.

За среќа, сегашните соеви на Нипа вирусот не се пренесуваат преку аеросоли, па сè додека не дојде до мутација што може да им овозможи, тие не претставуваат веројатна закана за пандемија.

Во моментов, Нипа вирусот се шири од контаминирана храна, главно од онаа што била во контакт со заразени лилјаци, но инфекции биле забележани и преку измет од свињи, но исто така и од човек на човек.

Научниците во моментов брзо го проучуваат овој вирус за да бидат поподготвени за можна пандемија.

Корона и Нипа вирусот се разликуваат, но исто така имаат и сличности

„Иако Нипа и Корона вирусите се различни, постојат многу сличности што можат да ни помогнат полесно и поефикасно да се справиме со можна пандемија. Луѓето сè уште не знаат ништо за овој вирус. Во моментов набљудуваме лилјаци во Тајланд – има многу населени лилјаци на пазари, места за богослужба, училишта и туристички локации. Тоа е одлична можност вирусот да прескокне од лилјак на човек“, изјави вирологот Висна Дуонг за Би-Би-Си.

Слични содржини