За помалку од две години, новиот мост на Вардар ќе ги поврзува Аеродром и Гази Баба

од Берта Китинска

Градоначалникот Шилегов и вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска направија увид во градежните активности за проширување на булеварот АСНОМ и за изградба на нов мост на реката Вардар. Според интензитетот на градба, општините Аеродром, Гази Баба и Центар за помалку од две години ќе бидат поврзани со нов мост и модерно булеварско решение што ќе го релаксира сообраќајот во овој дел од Скопје.

Новиот мост на Вардар ќе ги поврзува улицата Васко Карангелевски во Аеродром со улицата Индустриска во населбата Ќерамидница, во Гази Баба. Вкупната должина на трасата изнесува 400 метри. Самиот мост ќе биде долг 150 метри, со 6 коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Вредноста на договорот за изведба на оваа фаза изнесува 365,6 милиони денари со вклучен ДДВ.

– Денеска вршиме увид на интензивните градежни активности за изградбата на новиот мост на булеварот АСНОМ, односно втората фаза од пробивањето на булеварот. Веќе се поставени темелите, а мостот ќе биде со габарит како мостот Гоце Делчев и ќе овозможиме нов сообраќаен коридор од општина Аеродорм кон општина Гази Баба. Работите се одвиваат според предвиденото темпо и очекувам кон средината на идната година да го завршиме овој капитален проект, имајќи предвид дека вистински мостови во Скопје не се градени повеќе од 20 години – изјави Градоначалникот Шилегов.

По изградбата на новиот мост и пробивањето на новиот коридор, граѓаните од Ново Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. По овој мост ќе сообраќаат и нови автобуски линии кои дополнително ќе го намалат сообраќајниот метеж.

Изградбата на ваков мост на реката Вардар во планската документација на Скопје постоела уште од 1965 година, но за жал, заради отсуство на визија за развој на градот и немање чувство за вистинските приоритети неговата изградба била одложувана за некои подобри времиња.

Градот Скопје продолжува да гради по план изнаоѓајќи сообраќајни решенија кои ќе обезбедат одржлива урбана мобилност за граѓаните, а тоа ќе значи побрз, поефикасен, побезбеден и поеколошки сообраќај во Скопје. Во мај оваа година, целсно беше реконструиран и проширен булеварот АСНОМ на потегот од крстосницата со улица Васко Карангелевски до крстосницата со булевар Србија кај мостот Близнак. Проширениот булевар во Аеродром сега има по 3 коловозни ленти во двете насоки, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на булеварот и средишно зеленило.

Слични содржини