За последните 24 часа двојно повеќе починати од коронавирусот во Кина, сега се 17

од Aleksandar Petrovski

Бројот на смртни случаи поврзани со новиот тип на коронавирус во Кина се зголеми на 17, речиси двојно повеќе во последните 24 часа, истакнаа денеска официјални лица од кинеската провинција Хубеи, јави ДПА.

Вирусот, што  предизвикува симптоми слични на пневмонија, беше откриен кон крајот на декември во главниот град на провинцијата Вухан.

Кинеските власти претходно регистрираа 470 заразени лица низ цела земја, изразувајќи загриженост дека оваа бројка може да се претвори во спирала во следните неколку дена, кога се очекува стотици илјади Кинези да патуваат од поголемите градови до семејни домови за прославата на кинеската Нова Година, додаде германската агенција.

Случаи на заразени лица со коронаворусот се забележани и во Јапонија, Филипините, Јужна Кореја, Тајван, Тајланд и САД, како и на кинеските територии на Хонг Конг и Макао.

Светската здравствена организација се очекува вечерва во Женева да свика итен состанок за да оцени дали појавата веќе е итна здравствена состојба од меѓународен интерес.

Неколку земји ги зголемија контролите на границата со цел да се заштитат од ширењето на болеста.

Слични содржини