За три недели изречени над 12.000 санкции за сообраќајни прекршоци

од Берта Китинска

За три недели, откако почнаа засилените сообраќајни контроли, на територијата на државата се изречени над 12.000 санкции, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

На прес конференција во Кичево, Ангеловски рече дека се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, особено оние кои се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици.

-Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици. До сега во три седмици откако почнаа засилените сообраќајни контроли изречени се над 12.000 санкции, најчесто за возење со брзина над дозволената, нерегистрирани возила, а се санкционираат и возачите на мотори кои не ги почитуваат правилата, истакна Ангеловски.

Портпаролот на МВР апелираше до граѓаните на Кичево да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

-Само за еден час во денешната акциска контрола во Кичево се изречени 70 санкции, пред се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола, соопшти Ангеловски и потенцира дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови, а целосните податоци од денешната засилена акциска контрола во Кичево ќе бидат презентирани утре.

Слични содржини